Рикановиќ: Трансферот во Струга е отскочна даска во мојата кариера

Голманот од БиХ, Дејан Рикановиќ е еден од седумте голмани од странство во македонската елита. Младиот голман е еден од главните играчи во екипата на Струга и во регуларниот дел од шампионатот на речиси секој натпревар имаше двоцифрен број на одбранети удари.

Рикановиќ првпат во допир со ракометот доаѓа на 11 години кога на покана на негов пријател одлучува да се запише на ракомет. Прв клуб му е Локомотива Брчко, клуб кој произведе квалитетен играчки кадар. Поголемиот број на ракометари кои го носеа дресот на овој клуб од Брчко сѐ уште се активни, дел играат во босанскиот шампионат, дел низ шампионатите на екс-Ју просторите.

22-годишниот голман има успешни ракометни почетоци, по само три месеци со своите врсници доаѓа до трофеј во јуниорскиот шампионат во Република Српска, го освојуваат второто место и започнуваат чекор по чекор да стануваат препознатливи не само на ентитетот РС, туку и низ цела БиХ.

„Сосема случајно почнав на тренирам ракомет, на покана на еден мој пријател, ми се допадна тренингот, атмосферата и ракометот како спорт, па решив да се пробам во тоа. Јас навистина немам ракометен идол, но според мене, како најдобар пример и најдобар голман на сите времиња е голманот од Данска, Никлас Ландин. На 11 години ги направив првите чекори во ракометот. Прв тренер ми беше Радомир Прајо заедно со него и Дејан Михајловиќ, кој ме научи на првите голмански потези, но и работи кои ги знам сега и ги применувам. Првиот медал го паметам многу добро, тоа беше само по три месеци тренирање, кога со генерацијата ’96 го освоивме второто место на јуниорското првенство на Република Српска”, изјави Рикановиќ.

Со екипата од Брчко во 2018 година го освоија првото место во суперлигашката конкуренција во Република Српска и добрите настапи му носат и повик за младинската репрезентација на БиХ. Дресот на клубот од Брчко ќе го носи уште две сезони, потоа кон крајот на 2020 година се одлучува да го направи првиот интернационален предизвик и да се пресели во Катар.

„Секако дека првото место во Република Српска беше посебно и незаборавно. Ги поминав сите младински категории во репрезентацијата на БиХ и тоа е едно големо искуство и чувството да се биде меѓу најдобрите за мои години е секако неописливо. Искрено, трансферот во Катар беше чекор напред во мојата кариера и прва пресвртница за мој понатамошен развој во кариерата. Запознав многу големи имиња и играчи и имав можност да играм со нив, така што тоа беше едно големо искуство за мене. Во Катар дефинитивно се вложува во ракометот и голема улога играат финансиите, но мислам дека тоа не е на исто ниво како што беше пред пет-шест години. Катар секогаш ќе го паметам по одличните услови кои ги имаат играчите”.

Во шампионатот на Катар настапува една и пол сезона и потоа доаѓа до нов предизвик на интернационално ниво. Рикановиќ одлучува да потпише за екипата на Струга и уште во првите настапите на Струшкиот турнир ги покажува своите голмански способности.

„Македонскиот шампионат почнав да го следам пред две години и знаев дека лигата има квалитет. Следуваше покана од Струга и прифатив да дојдам и да го почуствувам квалитетот во оваа лига. Верувам дека мојот трансфер во Струга е една отскочна даска во мојата кариера и дека со моите добри партии сигурно ќе заслужам повик од познати клубови. Моментално сум задоволен од моите настапи од првиот дел од сезоната, се надевам дека ќе ги подобрам во продолжението, бидејќи секогаш има простор за напредок”.

Струга не успеа да обезбеди пласман во плеј-оф фазата, но не успеа ниту да има одличен старт во борбата за опстанок и на првите четири натпревари беше поразена од своите ривали.

„За жал, не успеавме да се пласираме во плеј-оф фазата, мислам дека имавме свои шанси и можности, но не ги искористивме на најдобар можен начин. Имаме сега шанса и прилика да земаме што повеќе бодови, бидејќи пренесовме три бода во плеј-аутот, и да се пласираме на подобро место и да обезбедиме опстанок. Мислам дека секој натпревар во Суперлигата е тежок, ниту еден противник не е за потценување. Стартувавме со порази во плеј-аутот и тие порази ни дадоа до знаење дека никој не дава лесно бодови”.

Младиот голман за Струга како град имаше позитивни комплименти.

„Струга е еден од најубавите градови во кои сум бил. Тука слободното време најчесто го минувам покрај езерото со пријателите на кафе и дефинитивно тука луѓето се нешто посебно и се чувствувам како дома. Се повеќе играчи од БиХ доаѓаат во Македонија бидејќи гледаат потенцијал и сакаат да ги покажат своите квалитети, но и да дадат сѐ од себе и да се претстават во најдобро светло”, заврши Рикановиќ.

Стружани првата победа во борбата за опстанок ќе ја бараат овој викенд на гости кај Вардар Неготино.