Ривалот на Македонија во квалификациите за ЕП го смени селекторот

Репрезентацијата на Луксембург, која е следен ривал на Македонија во квалификациите од 5. коло за пласман на Европското првенство 2024, во дуелот со избраниците на Кире Лазаров ќе биде предводена од привремениот селектор Маик Хандшке.

Довчерашниот предводник на Луксембург, Никола Малешевиќ поради лошите резултати, односно двата порази од Турција, заработи отказ од тамошната федерација.

Малешевиќ беше селектор на Луксембург од 2018 година, но не успеа да направи забележителни резултати со неговите избраници. Освен Малешевиќ, отказ заработи и помошниот тренер Александре Шојбел.

Луксембург во досегашниот тек од квалификациите за ЕП 2024 ги загуби сите четири натпревари, беше поразен и на првиот дуел од Македонија со 38:24.

Ракометарите на Луксембург на 8 и 11 март играа против Турција и на првиот дуел загубија со 30:29, додека на реваншот беа убедливо поразени со 31:20.

По двата порази од Турција, репрезентацијата на Луксембург ги загуби шансите за евентуален пласман на континенталниот собир и федерацијата одлучи да направи радикални чекори, со цел подобар настап во иднина.

Селекцијата на Луксембург на 26 април на свој терен ќе го одигра реваншот против Македонија.

Привремениот селектор Маик Хандшке ќе ја води репрезентацијата и на последниот квалификациски дуел против Португалија, кој ќе биде одигран на 30 април.