Раjн Некар останува без легендата: Шмид најави враќање во Швајцарија!

Репрезентативецот на Швајцарија, Енди Шмид одлучи да ја напушти екипита на Рајн Некар, односно да не го продолжи договорот со тимот од Манхајм. Шмид има договор со Рајн Некар до следното лето, 2022 година.

Сезоната што следи ќе биде последна за Енди Шмид во најсилната лига на светот, но и последна во дресот на Рајн Некар каде мина веќе 12 години.

Искусниот среден бек од Швајцарија во Рајн Некар пристигна во 2010 година. Малку време му беше потребно да стане предводник на германскиот тим и од сезона во сезона покажуваше голем напредок.

За клупската страна на Рајн Некар, Шмид додаде дека одлуката за негово повлекување од Рајн Некар и враќање во неговата земја е донесена заедно со неговото семејство.

„Дури и да се чувствувам во форма и да уживам кога играм, едноставно дојде време за нов чекор во нашиот живот. Заедно со моето семејство, донесов одлука дека сезоната што следи ќе биде мојата последна како играч во Рајн Некар. Мислам дека тоа е правилна одлука. Нашите синови исто така треба да ја запознаат Швајцарија и ние би сакале да бидеме поблиску до нашето семејство“, изјави Шмид.

Швајцарецот нема уште одлучено дали ќе продолжи да игра ракомет после наредната сезона, но сигурно е дека сака да се проба во тренерските води.