Рајн Некар доби засилување за Ф4 во Лигата на Европа

Пред завршниот турнир во Лигата на Европа кој се одржува утре и задутре во Манхајм екипата на Рајн Некар доби засилување во играчкиот кадар. Во тимот се враќа Швеѓанецот Ким Екдал Ду Риц, кој 5 март во 2020 година нема одиграно натпревар.

Ду Риц доаѓа како помош поради големиот број на повредени играчи. Тој треба да помогне за да може Рајн Некар на овој завршен турнир да се претстави во подобро издание.

Нема да биде воопшто лесно бидејќи Ду Риц од март минатата година се наоѓа во Хонг Конг каде што студира. Ова беше вторпат во кариерата како се одлучи да стави крај и како се враќа назад на терените. Првпат тоа го направи во 2017 година, а една година подоцна потпиша одново за Рајн Некар. Потоа се пресели во тимот на ПСЖ, но од март лани одново е надвор од активното играње.

„Контактот со Рајн Некар никогашне беше прекинат. Најдобриот период од мојата кариера го поминав како играч на Рајн Некар. Кога дознам дека тимот има големи проблеми со повредени ракометари пред завршниот турнир, седнавме и разговаравме дали повторно можам да им помогнам на момците. Во Хонг Конг се одржував во форма, но повеќе не сум физички конкурентен. Сепак, после неколку заеднички тренинзи мислам дека можам барем малку да им помогнам на моите соиграчи“, вели Ду Риц кој утре ќе биде на терен во дресот на Рајн Некар.

Екипата на Рајн Некар игра во второто полуфинале од Лигата на Европа против составот на Фуксе Берлин од 20:45 часот. Претходно од 18 часот составот на Магдебург игра против екипата на Висла Плоцк.