Ракометните ѕвезди удрија по ЕХФ: Поглупава одлука не можеа да донесат!

Кризата со коронавирусот ги сопре сите спортски натпревари, но откако ќе помине остануваат многу натпревари да се доиграат. За да се довршат првенствата и европските натпреварувања федерациите во Европа носат одлуки за термините кога би тебало да се играат клучните дуели во сезоната.

Откако ЕХФ ги објави плановите за европските натпревари голем број ракометари ја критикуваат таа одлука, а меѓу нив се и данските ракометни ѕвезди, Расмус Лауге и Микел Хансен.

„Се бориме цела сезона да обезбедиме пласман на Ф4 во Лигата на шампионите. Сега некои играчи имаат ризик да ги пропуштат најважните натпревари бидејќи имаат потпишано договори со други клубови. Некои екипи ќе имаат толку многу промени во ростерот во текот на летото и ќе играат со послаб состав на завршниот турнир. Нема никаква смисла“, вели Хансен.

Лауге го поддржува својот колега од репрезентацијата на Данска кој смета дека ова се глупави одлуки иако ситуацијата во светот е очајна.

„Едноставно ова е толку глупаво решение. И покрај тоа што минуваме низ историски период со кој допрва треба да се справиме, не треба да носиме глупави одлуки. Ова се тешки времиња, но ова е глупаво решение“, коментираше Лауге.

Микел Хансен со ПСЖ се сериозни кандидати за пласман на завршниот турнир во Лигата на шампиони за мажи. Исто така и Лауге со Веспрем е во добра позиција да обезбеди пласман во Келн.