Ракометен сјај и беда: Блеска на ЕП во Данска, а кога ќе се врати дома ја чека – штрајк!

Една од најконстантните ракометарки во хрватската репрезентација, која блеска на Европското првенство во Данска е десното крило Јосипа Мамиќ.

Мамиќ настапува за тимот на Бјеловар, а таму не цветаат рози. Иако до лани не беше ниту во првата седморка на овој тим, сепак беше забележана како голем потенцијал од селекторот Ненад Шоштариќ, пишува „Спортске Новости“.

За кратко време стана стандардна репрезентативка, и на последниот натпревар против Германија одигра цел меч и даде три гола.

Како и да заврши првенството за Хрватска, впечатокот кој го оставија „коцкестите“ дами е сјаен. Но Мамиќ наместо да слави по враќањето во татковината и да се сеќава на убавите работи од Данска – таа ќе се подготвува за штрајк.

Финансиската ситуација во Бјеловар е многу лоша, ракометарките не тренираат поради неисплатените плати, а двата меча од осминафиналето на ЕХФ Купот против ПАОК ќе ги играат во Солун.