Ракометарите на мака: Два Ф4 во ЛШ, Мундијал, квалификации за ЕП и ОИ, Олимпијада – само за осум месеци!

Откако Европската ракометна федерација го одложи завршниот турнир во Лигата на шампионите од сезоната 2019/2020 за крајот на декември, станува јасно дека ракометарите ќе бидат на големи маки, особено оние што играат во силните првенства, во ЛШ, а ќе играат и на СП и на ОИ.

Пред Нова Година ќе биде одигран завршниот турнир во ЛШ, а таму ќе играат Кил, ПСЖ, Веспрем и Барселона. Веднаш на стартот на 2021 година ќе стартуваат подготовките на националните тимови за настапот на Мундијалот во Египет, а таму секоја репрезентација ќе одигра најмалку пет натпревари.

Потоа ќе продолжат натпреварите во домашните првенства и во европските купови, во меѓувреме ќе се играат и квалификации за следното Европско првенство во 2022 година, а на почетокот на јуни ќе се игра завршниот турнир во ЛШ за сезоната 2020/2021. Потоа следуваат завршните натпревари од квалификациите за ЕП, како и квалификациите за ОИ.

Кон крајот на јули ќе се игра и Олимпијадата во Токио, што значи дека за осум месеци, ракометарите би можеле да одиграат најмалку педесетина натпревари, што е секако е многу за толку кратко време. Европската и Светската ракометна федерација ќе мораат дополнително да го ревидираат календарот за следната сезона и внимателно да ги организираат датумите за натпреварите, бидејќи ракометарите веќе го кренаа гласот.