Ракометарите со нов предводник: Стрезовски селектор – Лазаров играч и помошник

По заминувањето на Данило Брестовац од кормилото на машката македонска репрезентација, Ракометна федерација на Македонија веќе го пикира наследникот на жешкото столче што треба да седне уште во март. На репрезентацијата и претстојат уште четири квалификациски натпревар за пласман на ЕП 2022 во Словачка и Унгарија. Нашите ракометари се на добар пат да играат на завршниот турнир откако по првите две кола ги победивме и Финска дома и Швајцарија на гостински терен.

Следната недела по изборот на новиот Управен Одбор на РФМ по одржувањето на Изборното Собрание, за нов селектор би требало да биде поставен Гино Стрезовски. Претседателот на тренерската комисија кој истовремено е професор на Факултетот за физичко образование и здравјe (ФФOЗ) во неколку наврати веќе беше селектор и на машката и на женската репрезентација на Македонија.

Иако тој ќе биде селектор, негов помошник ќе биде Кирил Лазаров. Според договорот што бил постигнат Лазаров ќе продолжи да игра за репрезентацијата и ќе му помага на Стрезовски, истовремено ќе влегува во тренерските води и ќе се обиде да „украде“ што е можно повеќе од искусниот „професор“. Доколку Македонија се пласира на ЕП 2022 година, што е повеќе од веројатно, двоецот би бил на клупата, а потоа Лазаров ќе треба да ја преземе селекцијата и да продолжи да биде селектор и да ја предводи новата генерација на ракометари.

За искусниот Стрезовски ова ќе биде трет селекторски мандат во машката сениорска репрезентација, по оние во 1997 година и 2005 година. Тој беше селектор и на женската сениорска репрезентација, со која беше дел и од Европско првенство 2012, а на клупски план ги водеше Металург, Работнички, Вардар, Југ и Повардарие, како и женските екипи на Вардар Срем, Гевгелија, Олимпик и Скопје.

Стрезовски во моментов е назначен за дел од стручниот совет што е посветен на работата на женската репрезентација која исто така се подготвува за настап на ЕП 2022 година. Како претседател на тренерската комисија веќе неколку години работи на усовршување и едукација на тренерите и нивна подготовка пред да почнат да полагаат за Мастер коуч. Тој му беше и ментор на Лазаров при бранењето на неговата дипломска работа на факултетот, а која се однесуваше за анализата на меч од СП 1999 година во Египет кога Лазаров првпат играше на големо натпреварување.

Стрезовски ќе седне на клупата за квалификациите за Европското првенство против Данска, Швајцарија и Финска. Веќе во март ќе дебитира со двомечот со Данска, но особено важни ни се дуелите со Финска во гости и со Швајцарија дома.
Тој има Мастер коуч диплома потребна за да може да ја предводи репрезентацијата, а Лазаров веќе почна да ги посетува потребните модули за да може да се здобие со истата диплома. Нашиот капитен има дипломирано на ФФК со што автоматски се здобива со лиценца од трето ниво со кое може да води екипи во домашното првенство.

Македонија има одлична шанса да го продолжи континуитет на настапите на големите настани, па по СП 2021, би требало да настапи и на Европското првенство во Унгарија и Словачка.