Радовиш убедлив против Вардар Неготино во пријателски натпревар

Екипата на Радовиш во пријателски натпревар беше убедлива против составот на Вардар Неготино, со резултат 34:23 (18:10). За ракометарите на Радовиш ова беше четврта победа во низа, откако во претходниот период двапати триумфираа против Младост Богданци, а победа остварија и против Куманово.

Во денешниот натпревар, кој беше одигран во Радовиш, најефикасен во составот на Љупче Мијалов беше Здравко Постолов со 12 постигнати погодоци, додека новото засилување, средниот бек Јакша Вјештица во голот на Вардар Неготино реализираше седум погодоци.

Одличен на голот кај домаќините беше Кристијан Костадиновски со десет успешни интервенции. Во екипата на Вардар Неготино се истакнаа Ѓорѓи Ташев и Петар Пеовски со по шест погодоци. Голманот Александар Мицев натпреварот го заврши со шест интервенции.

Двете екипи до почетокот на Суперлигата ќе одиграат уште неколку контролни натпревари. Радовиш во Суперлигата ќе игра во групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.

Вардар Неготино, кој по пауза од повеќе 20 години, обезбеди камбек во македонската елита, ќе игра во групата А со Вардар, Бутел Скопје, Струга, Охрид, Алкалоид, Прилеп и Куманово.