Радовиш не виде мака против Шампион, и следната сезона ќе игра во елитното друштво

Тимот на Радовиш обезбеди опстанок во суперлигашкото друштво, откако во бараж средбата беше подобар од составот на Шампион и славеше со 37-20.

Суперлигашот отвори со водство од 6-1 и најави дека нема да препушти ништо на случајноста, иако во ростерот имаше само 12 ракометари по заминувањата на Илиев и Стојановски. Ниту Шампион не беше комплетен, не настапија средниот бек Миланов, голманот Ацев…

Следуваше период на грешки на двете страни, но Шампион не успеа да искористи неколку добри прилики, бидејќи голманот Паунов одбрани три чисти зицери. По дваесетина минути игра беше 10-4, па Чивлачки мораше да бара тајм-аут.

Не се промени ситуацијата на теренот значајно, десниот бек Лојаничиќ и левото крило Ристов го полнеа голот на Шампион, па предноста се качи и до плус 11, 16-5. До крајот на полувремето Шампион постигна уште еден погодок.

Второто полувреме беше само формалност, а тренерите на двете екипи им дадоа шанса на ракометарите од клупата. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лојаничиќ со девет и Ристов со седум гола, додека кај Шампион се истакна Кочаров со пет погодоци.