Радичевиќ: Уживав во секоја секунда во Вардар и во Скопје

Едно од најдобрите десни крила во светскиот ракомет, Јованка Радичевиќ, пет сезони го носеше „црвено-црниот“ дрес на Вардар.

Иако не освои ниту една европска шампионска титула, црногорската репрезентативка секогаш со задоволство се присетува на моментите минати во Скопје.

„Во 2013 година беше повторно момент за нов предизвик и имаше нешто ново на хоризонтот. Тоа беше Вардар, кој беше голем проект и беше привилегија да се биде дел од него. Имав ретка можност да тренирам и играм во прекрасни услови, особено кога се работи за женски тим. Петте години во Скопје беа како бајка, ние го живееме нашиот сон. Фановите, поддршката од клубот, прекрасната сала и условите што дотогаш ги немавме видено, направија да уживаме во секоја секунда. Бев дел од едно големо семејство. Не жалам за многу работи во животот, но жал ми е што не успеавме да го донесеме трофејот од ЛШ во Скопје иако бевме блиску два пати, ама успехот не одмина. Но среќна сум што тој сон му се оствари на машкиот тим, кој два пати ја освои титулата“, вели Радичевиќ.

По заминувањето од Вардар, таа две сезони играше за романскиот ЧСМ Букурешт, а потоа се врати во матичниот Будуќност. Најновите шпекулации велат дека на лето се сели во турскиот Кастамону, заедно со уште три колешки од црногорксиот тим и тренерот Драган Аџиќ.