„Работата не е завршена однапред, Македонија мора да ја сфатиме сериозно“

Женската репрезентација на Македонија вечерва ја очекува првиот бараж натпревар против Романија за пласман на Светското првенство во Шпанија.

Романскиот селектор Ади Василе вели дека по разочарувањата со репрезентацијата на квалификациите за ОИ и со ЧСМ Букурешт во ЛШ, им треба радосен момент.

„Почнуваме нов пат и нова битка. Ни треба радост бидејќи во последните 30 дена не беше воопшто лесно. Имаме шанса против Македонија, но ќе мораме да го гледаме противникот со максимален респект и да влеземе во дуелите сериозно. Ни треба оваа радост за да можеме да се вратиме на вистинскиот пат. Ова е натпревар во кој луѓето честопати гледаат некој тим како дефинитивен фаворит и за мене тоа е многу опасен момент бидејќи никогаш не мислам дека работите се решени однапред“, вели Ади Василе.

Репрезентативниот ракомет на Романија и кај мажите и кај жените е во надолна линија, па Василе смета дека мора да се обезбеди место на СП.

„За нас беше голем проблем што не се пласиравме на Олимписките игри. Тоа уште ни е отворена рана. Бевме многу близу, но не успеавме. Затоа сега мораме да надоместиме и мораме да се пласираме на Светското првенство“, заврши Василе.

Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра вечерва во салата „Поливалента“ со почеток во 17:00 часот.