ПСЖ останува перфектен, го доби и дербито со Монпелје

Ракометарите на ПСЖ продолжуваат да редат победи во најсилната лига од Франција, а на гостувањето кај Монпелје во меч од 13. коло забележаа нов тирумф од 32:36.

Откако славеа во неделата на гостувањето кај Нант, беа подобри и од вториот најголем ривал во борба за титулата Монпелје. Во првото полувреме се играше доста ефикасно и домашниот тим замина со предност на одмор од 19:18.

Избраниците на Раул Гонзалез во второто полувреме го скршија отпорот на Монпелје. Сè до 46. минута беше максимално израмнето, но тогаш почна серијата на ПСЖ од 4:0 со која во 52. минута гостите имаа 27:31 што беше доволно за конечна победа.

Најефикасни во победничкиот тим беа Феран Соле со осум погодоци, додека Недим Ремили постигна седум гола. Винсен Жерар имаше десет интервенции на голот на ПСЖ. Во тимот на Монпелје најмногу се истакнаа Хуго Дескат и Мелвин Ричардсон со по пет гола.