Прославен руски репрезентативец ќе ја води ЦСКА Москва

Рускиот вицешампион ЦСКА Москва за новата сезона ангажираше нов тренер во екипата. Искусниот Велимир Петковиќ си заминува од кормилото на московската екипа и ќе се посвети само на репрезентативна работа, додека на негово место доаѓа Олег Ходков.

Во ЦСКА Москва, Ходков пристигнува од нивниот конкурент на домашна сцена, СКИФ Краснодар. Таму ја извршуваше функцијата главен тренер на екипата, но паралелно беше и спортски директор. Со СКИФ Краснодар забележа солидни резултати во руската лига, а во 2017 година, СКИФ Краснодар станува и освојувач на Купот во Русија.

Ходков беше дел и од прославената репрезентација на Русија која во 2000 година на Олимписките игри во Сиднеј го освои златниот медал. Во својата играчка кариера освен за СКИФ Краснодар, настапуваше и за германската екипа Гумерзбах и за Бидасоа од Шпанија.

За новата сезона, ЦСКА Москва подготвува тим за освојување на шампионската титула во Русија и добри резултати на европска сцена. За таа цел, беа ангажирани и екс членовите на Вардар, Сергеј Горпишин и Дмитри Киселев, како и Александар Подшивалов од Минден. Екипата ќе биде надополнета и со неколку ракометари од домашните клубови.

Петковиќ заминува, ЦСКА Москва ќе бара нов тренер!