Промовирано логото на СП 2023, каков е патот на Македонија до Полска и Шведска? (ФОТО)

Светската ракометна федерација и организаторите на следното Светско првенство во јануари 2023 година го промовираа логото. Шведска и Полска ќе бидат домаќини на најдобрите 32 светски селекции во машка конкуренција, отворањето ќе биде во Полска, додека завршниот викенд во Шведска.

Логото е ракометна топка во боите на знамињата на двете земји, а најмногу ќе биде присутно во медиумите од 12 до 29 јануари 2023 година. Домаќини ќе бидат девет градови – Гдањск, Лоџ, Вроцлав, Катовице, Гливице, Краков, Стокхолм, Малме и Гетеборг.

Светскиот првак Данска има директно место на Мундијалот, како и двата домаќини. Во продолжение прочитајте како се распределени местата по континенти и федерации.

  • Домаќин: 2 – Полска, Шведска
  • Светски шампион: 1 – Данска
  • Африка: 5
  • Азија: 5
  • Европа: 12 (3+9)
  • Северна Америка и Кариби: 1
  • Јужна и Средна Америка: 4
  • Океанија/вајлд карта: 1
  • Вајлд карта: 1

Европа ќе има 15 места (три селекции се пласирани – Данска, Полска и Шведска, медалистите од ЕП 2022 исто така обезбедуваат пласман, па остануваат уште девет места) за следниот Мундијал, а квалификациите ќе се одвиваат во две фази.

Во првата фаза ќе играат селекциите што не обезбедија место на ЕП 2022 година, вкупно 16 поделени во четири групи. Прво и второпласираните, односно најдобрите осум селекции од првата фаза ќе обезбедат место во првиот бараж што се игра во март догодина.

Нив би требало да им се придружат најслабите осум селекции од ЕП 2022 година (од 17 до 24 место), а победниците од осумте двомечи ќе обезбедат место во вториот бараж.

Во вториот бараж веќе ќе бидат пласирани селекциите што ќе се пласираат од четвртото место до 16 место на ЕП 2022 година, со исклучок на Полска, Шведска и Данска. Тие десет селекции заедно со победниците (осум) од првиот бараж ќе формираат девет двојки, што ќе играат втор бараж двомеч во април догодина. Победниците од тие девет двобои ќе се пласираат на Мундијалот во Полска и Шведска.

Македонија се пласираше на ЕП 2022 и со тоа заврши половина од работата. Доколку таму се пласира во втората рунда, сигурно ќе игра само еден бараж за СП 2023, но доколку не обезбеди место во втората рунда на ЕП, многу веројатно ќе имаме две пречки до настап на нов Мундијал. Сумирано, ако Македонија се пласира до 15 место на ЕП 2022, тогаш не само што ќе игра еден бараж за СП, туку и ќе биде во шеширот на носители во вториот бараж.

Сето ова е базирано на претпоставка и не е официјализирано од страна на ЕХФ, но на почетокот на следната година ќе добиеме поконкретна слика, како ќе изгледа патот на европските селекции до СП во Полска и Шведска.

Квалификации за СП 2023

1 фаза (принцип дома-гости или турнир)

1-7 ноември 2021 – 1 и 2 коло
3-16 јануари 2022 – 3, 4, 5 и 6 коло

група 1: Белгија, Турција, Грција, Косово
група 2: Финска, Естонија, Грузија, Велика Британија
група 3: Романија, Израел, Кипар, Молдавија
група 4: Летонија, Италија, Луксембург, Фарски Острови

2 фаза (принцип дома-гости)

14-20 март 2022, бараж 1
прво и второпласираните од четирите групи + најслабите осум селекции од ЕП 2022, 17-24 место, формираат осум двојки од кои победниците обезбедуваат бараж 2

11-17 април 2022, бараж 2
осум победници од бараж 1 + десет селекции пласирани од 4 до 16 место на ЕП 2022 со исклучок на Данска, Полска и Шведска, формираат девет двојки од кои победниците обезбедуваат место на СП 2023

*проекцијата е базирана на начинот на квалификации што беше најавен за претходното СП во Египет, но не е официјализирана од страна на ЕХФ