Пролет со триумф против Гранољерс се прости од Европа

Ракометарите на Пролет се елиминирани во првото квалификациско коло од Лигата на Европа, откако во двомечот со шпански Гранољерс загубија со вкупни 63-50.

По вчерашниот пораз со убедливи 15 голови разлика, 36-21, денеска шпанскиот тим можеше да ги чува силите за стартот на Асобал лигата и не се претргна премногу во двобојот, па македонскиот тим славеше 27-29.

Гранољерс водеше во првиот дел со плус пет, 13-8, но Пролет ја намалуваше негативата и до паузата стигна до минус два, 14-12. Во второто полувреме избраниците на Андон Бошковски направија комплетен пресврт.

Најпрво израмнија на 15-15, а по 20-18 за Гранољерс тргна серијата голови преку Андоновски, Пецаковски и Палевски за 20-23 на петнаестина минути до крајот на средбата.

Беше и 21-26 со голот на Џонов, а предноста рутински беше задржана до самиот крај за конечни 27-29. Најдобар стрелец кај Пролет беше Аларов со седум гола, додека кај Гранољерс се истакна Маркез Колома со шест погодоци. Во продолжение од сезоната за Пролет останува да се концентрира на домашните натпреварувања.