Пролет со полн плен се враќа од Битола

Тимот на Пролет успеа да победи на тешкото гостување во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 со 25-23 во натпревар од 9 коло во Суперлигата. Гостите од Скопје уште во првиот дел најавија дека се дојдени по бодови, во финишот битолчани опасно се заканија, но немаа сили за завршен чекор и комплетен камбек.

Гостинските ракометари отворија со водство од 5-2, но битолчани намалија на 8-7 пред да следува огромен пад во нивната игра. Тоа го искористија избраниците на Алексо Лембанов и стигнаа до највисоки плус пет, 12-7, а заслугите за тоа имаше и голманот Петковски.

Имаа гостите и плус шест во финишот на полувремето, 14-8, но Кукуловски со својот прв погодок од пенал, намали на 14-9, резултат со кој се замина на пауза на натпреварот во „Боро Чурлевски“.

Пролет ја чуваше предноста до 45. минута, кога беше 20-15, но погодија Петровиќ и Ристевски за 20-17 и најавија дека домашните нема да се откажат така лесно од бодовите.

Лембанов повика тајм-аут, но тоа не помогна бидејќи Еурофарм Пелистер 2 намали на само минус еден, 23-22, а по исклучувањето на Пецаковски беше и 24-23 на три минути до крајот на мечот.

Џонов најде решение за плус два, 25-23, а Арсеновски не успеа да реализира на спротивната страна. Битолчани добија уште една шанса, но погрешија и немаше веќее време за назад, а згора на се во последниот напад се повреди и Белистојаноски.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Џонов со шест и Димов со пет погодоци, додека голманот Петковски имаше осум одбрани. Кај битолчани се истакнаа Ивановски со шест и Петровиќ со пет гола.