Пролет не простува неуспех – ракометарите казнети до крајот на сезоната!

Од ланското историско трето место веднаш зад Вардар и Еурофарм Пелистер и пласман во Европската лига, Пролет сезонава се измеша со стратегијата и со тренерските смени, тргна надолу до седмата позиција и наместо во плеј-оф – заврши во плеј-аут. А, баш убаво ја почнаа сезоната.

Тимот на Пролет првпат по подолго време нема да се бори за место во европските купови низ плеј-офот. Иако лани беше во водечката тројка, сепак следуваше голем пад оваа сезона и наместо дуели со Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје…ќе мора да се бори за опстанок во елитното друштво.

Раководството на клубот не простува неуспех па ги казни ракометарите со 30% намалени плати до крајот на сезоната, односно четири месеци. Со оглед на завршениот преоден рок во Македонија, играчите не можат да ја променат средината, но сигурно не им е по волја ваквата одлука на раководството.

Најавеното проширување на Суперлигата, кое допрва треба да биде потврдено, можеби малку ќе им ја олеснува работата, но сигурно ниту мотивацијата нема да биде на исто ниво ако играте со конкуренти за титула, или со конкуренти за опстанок.

Можеби и тренерските смени придонесоа за овој неуспех. По крајот на минатата сезона не беше продолжена соработката со Зоран Кастратовиќ, кој го однесе Пролет во Европа, а на средина од тековната сезона беше раскината соработката и со Андон Бошковски. На негово место дојде Алексо Лембанов, млад тренер, кој ја доби довербата од раководството, а сега дел од стручниот штаб е и Илија Темелковски.

Како овој неуспех ќе се одрази на играчкиот кадар, на амбициите за новата сезона…останува да видиме.