Продолжуваат проблемите на Келце – Каралек и Вулф одат на продажба!

Чеетвртфиналистот на Лигата на шампионите, полскиот Келце, се уште не може да крене глава од финансиските проблеми. Клубот доби половина милион полски злоти од општината, односно околу 107.000 евра, но тоа не е доволно и веќе е решено дека по Недим Ремили, уште двајца играчи што имаат високи плати ќе одат на продажба, пишува „Ем Келце“.

Станува збор за голманот Андреас Вулф и кружниот напаѓач Артем Каралек, кои имаат договори до 2027, односно до 2026 година.

Клубот сметаше на половина милион евра од општината за до крајот на оваа сезона, но доби пет пати помалку и затоа веројатно ќе се раздели од уште двајца ракометари.

Според полските медиуми, во комбинација за главен спонзор на Келце има една компанија, но таа нуди помалку финансии од компанијата Ван Пур, што беше главен спонзор до крајот на минатата годината.

Иако во текот на вчерашниот ден имало нови разговори со општината и одговорните лица, сепакк сумата што ја доби Келце за да ја доврши оваа сезона, не се промени и остана околу 107.000 евра.

Затоа актуелна сега е продажбата на Каралек и Вулф, а од клубот има најава дека во текот на утрешниот ден ќе бидат познати идните планови.