Проблеми за француската ѕвезда: Норвежаните не го пуштаат Абало во нивната земја!

Искусниот ракометар од Франција, Лук Абало, од јануари не може да влезе на територијата на Норвешка поради епидемиолошките ограничувања од страна на тамошните власти.

Според ТВ2, на Лук Абало веќе од јануари му е забранет секаков влез во земјата, дури и ако живее и работи во Елверум. При враќањето од СП во Египет, аеродромските служби не му дозволиле да влезе на норвешко тло, туку бил вратен во Франција!

Тој не тренираше со екипата во Норвешка, туку им се приклучи на соиграчите пред стартот на европската турнеја во која Елверум гостуваше кај ПИК Сегед, Вардар, ПСЖ, а допрва треба да оди и во Порто.

Француската ракометна звезда се наоѓа во тешка ситуација, а министерството за правда на Норвешка истакнува дека нема доволно време за решавање на одделни случаи.

„Во моментов, само неколку странци имаат дозвола за влез во Норвешка. Постојат исклучоци, но само за оние кои се регистрирани во Норвешка. Странците кои не се регистрирани мора да исполнуваат еден од другите услови за влез во земјата, на пример, да извршуваат важни јавни функции“, велат од Министерството.

Норвешките клубови што играат на европска сцена, ќе ги играат своите натпревари како домаќини на гостински терен.