Проблеми за идниот вардарец – Кудуз заврши на улица! (ФОТО)

Од лето нов ракометар на Вардар ќе биде хрватскиот лев бек Анте Кудуз. Тој ја игра третата и последна сезона во романскиот шампион Динамо Букурешт.

Иако повторно ќе стане првак на Романија, сепак престојот во Букурешт очигледно нема да го памети по убаво.

Тој доживеал непријатност и бил избркан од станот каде што живее во романската престолнина бидејќи клубот не ја платил киријата, а за тоа бил обврзан во договорот. Кудуз се огласи на социјалните мрежи.

„Драги навивачи, вие сте причината што Букурешт стана мој втор дом, а Динамо дел од мене. За сите овие три години, на теренот и надвор од него, имав убави, но и тешки моменти со вас. За жал, поради една личност, која не ги исполнува обврските кон ме, за вторпат оваа сезона сум исфрлен од станот каде што живеам. Причината е тоа што не е платена киријата, што е обврска на клубот според договорот. Првпат се случи тоа во август лани, но тогаш мислев дека е недоразбирање. Но кога се случи по вторпат и тоа на денот на натпреварот со Констанца на 20 април, знаев дека не е коинциденција. Иако веднаш им кажав на сите во клубот дека завршив на улица повторно, НИКОЈ не реагираше, ниту до денеска. Секогаш сум го оставал срцето на теренот, умирав за „црвено-белиот“ дрес и за сите „црвени кучиња“ и мислам дека не заслужувам ваков третман од страна на еден човек од клубот“, напиша Кудуз.

Веројатно позадина на ваквото однесување на луѓето од романскиот клуб е тоа што Кудуз не ја продолжи соработката со Динамо и потпиша договор со Вардар на две сезони.