Проблемите почнаа – Цела екипа во карантин и два теста на корона по враќањето дома

На прагот сме на почетокот на Лигата на шампионите и во машка и во женска конкуренција, а некои клубови сè уште ќе имаат обврска да бидат во карантин после гостувањето во ризичните земји.

На 12 септември започнува женската Лига на шампиони, во првото коло Кристијансанд ќе гостува кај Крим во Словенија што претставува проблем за Норвежанките.

Словенија се наоѓа во црвената зона на списокот на земји кои норвешката влада не ги препорачува за патување. Според тоа ракометарките и целиот стручен штаб на тимот после враќањето во Норвешка ќе мораат да бидат во карантин и два пати да бидат тестирани.

„Претпоставуваме дека тоа ќе се случи и мораме да постапиме според препораките на Националниот институт за јавно здравје. Ќе ги извршиме потребните тестови пред заминувањето и по враќањето“, рече директорот на клубот Терје Маркусен за tv2.no.

Ракометарките на Кистијансанд по враќањето во Норвешка ќе се тестираат два пати во пет дена на Ковид-19. Доколку првиот тест е негативен тие ќе можат да се вратат на тренинзи и да играат натпревари пред да пристигнат и резултатите од второто тестирање.