Прилеп триумфално низ Куманово, Шокоски и Ѓоргиевски се погрижија за победнички крај на полусезоната

Во натпревар со многу возбудувања, изедначувања и пресврти, екипата на Прилеп ги освои бодовите на денешното гостување во Куманово против истоимената екипа, откако триумфираше со 29:27, во рамки од последното коло од регуларниот дел во Суперлигата. За тимот на Прилеп ова беше четврти триумф, доволно за да го освои 6 место во групата Б и да пренесе два бода во плеј-аут фазата.

Според очекуваното, дуелот на двата тима започна со голема борба, па така по 5 минути игра беше 1:1. Двете екипи имаа свои моменти, подеми и падови, а играта на гостинската одбрана беше фокусирана на најдобриот стрелец на Куманово, Вучко Мрвовиќ, кој целосно беше затворен во првиот дел. Прилепчани до средината на првиот дел водеа во два наврати, со 2:1 и 3:2, додека во најголемиот дел од првите 30 минути Куманово имаше минимална предност, на моменти водеше и со два гола разлика, но во финишот гостинот се врати во игра и повторно се играше во егал. Прилеп на полувреме замина со активен резултат од 13:12.

Во продолжението повторно имаше голема неизвесност, со оглед на осилациите во играта кај двата табора. Прилеп на почетокот во второто полувреме зголеми на 14:12 и во следниот период лесно стигнуваше до погодок. Домашниот тим кон средината на последниот период се врати во игра и по водството на Прилеп од 17:15 со серија од 4:0 за кратко воспостави контрола, поведе со 19:17.

Сепак, Прилеп во финишот набрзина израмни на 20:20, беше и 21:21 во 48 минута, пред гостите да влезат во брзина и повторно да дојдат до резултатска предност од два гола разлика. Куманово во последните десетина минути бркаше два гола негатива, додека Прилеп беше чекор пред ривалот. Домаќинот не успеа да ја анулира минималната негатива и да се избори за барем бод.

Предводници во победничката екипа беа Давор Шокоски седум и Пеце Ѓоргиевски со шест гола. Кај Куманово се истакнаа Вучко Мрвовиќ и Даниел Постоловски, кои имаа по пет реализации во мрежата на гостите.