Прилеп освои цел плен во неготинската драма

Екипата на Прилеп на незгодното гостување кај Вардар Неготино успеа да ги освои бодовите, откако обезбеди победа со 29:28, во натпревар од 12. коло од Суперлигата. Натпреварот беше проследен со многу подеми и падови кај двете екипи.

Домаќинот на стартот во три наврати беше во водство (1:0, 2:1, 3:2). Прилепчани заиграа поангажирано, направија серија од 6:0 и во 10 минута поведоа со 8:3 Одбраната на гостите не дозволуваше лесни погодоци и домашниот табор влезе во криза, која гостите целосна ја искористија и стигнаа до ,,плус шест” 10:4.

По водството на Прилеп од 11:6, избраниците на Глигоров врзаа два гола во низа, намалија на 11:8 и го направија натпреварот понеизвесен. Иако пред финишот на првиот дел имаше резултатска предност од 14:10, сепак, домаќините не се предаваа и го преполовија водството на гостинот. Резултатот на полувреме беше 14:12 во корист за прилепскиот тим.

Во вториот дел гостите продолжија со добро темпо, беа посигурни во нападите, одржуваа дистанца од три до четири гола разлика, но победата се уште не беше загарантирана, бидејќи Вардар Неготино успеваше на моменти да ја прочита играта на противникот и да постигнe неколку гола во серија.

Ракометарите на Прилеп водеа со 19:15 во 35 минута, имаа и 21:17 во 40 минута, а потоа следуваше налет на домаќините, кои во 45 минута стигнаа до минус два, 22:20. Голманот на Вардар Неготино, Даниел Ацев беше одличен меѓу стативите и на неговите крила домаќините речиси се вратија во игра, откако намалија на 23:22.

Прилеп успеа да со консолидира и во последните десет минути влезе со предност од 24:22. Вардар Неготино имаше многу шанси кои не ги искористи за да дојде до минус еден, па така Прилеп ги казни грешките и зголеми на 25:22. Пред финишот, двајца ракометари на Прилеп заработија две минути и домаќинот конечно успеа да дојде до минус еден, 27:26. Резултатската неизвесност продолжи до крајот, беше 28:27 во 58 минута и Прилеп преку искусниот Чантурија дојде до 29:27. Тука завршија сите надежи на домаќините за нерешен исход.

Најефикасни во победничката екипа беа Давор Шокоски со девет, Христи Бикоски со седум и Реваз Чантурија со шест погодоци. Во редовите на Вардар Неготино Ѓорѓи Ташев и Петре Пеовски беа најдобри стрелци со по пет реализации.