Прилеп минимално поразен од Дубочица во пријателски натпревар

Ракометарите на Прилеп во Лесковац стартуваа со подготвителните натпревари пред продолжението од Суперлигата. Избраниците на Горан Кузманоски тестираа со српскиот суперлигаш, Дубочица, а првата пријателска пресметка заврши со минимална победа за домаќините со резултат 28:27.

Прилеп на полувреме имаше солидна предност од плус три позитива, 19:16. Прилепчани на овој натпревар беа предводени од новото засилување во екипата, Марио Гичев, како и од искусниот, Реваз Чантурија, кои со по шест погодоци беа најефикасни во прилепскиот состав. По пет погодоци постигнаа Давор Шокоски и Даниел Андоновски.

Денеска двете екипи ќе го одиграат вториот пријателски натпревар. Втората пријателска средба е закажана со почеток од 14:30 часот. Ракометарите на Прилеп останатиот дел од подготовките ќе го поминат во Македонија.

Од регуларниот дел од Суперлигата треба да се одиграат уште шест кола. Прилеп се позиционираше на 9. позиција на табелата со 15 освоени бодови. Сосема е извесно дека клубот ќе оди во плеј-аут фазата каде со останатите патници ќе се бори да обезбеди опстанок во суперлигашкото друштво.