Прилепчани поразени на првата контролна средба

Ракометарите на Прилеп по одработената прва фаза од подготовките започнаа со контролните дуели пред стартот на претстојната сезона.

Прилепчани првиот контролен дуел го одиграа во Србија против Дубочица и беа поразени со 39:28.

Тренерот Божидар Мојсов шанса им даде на сите ракометари, а најдобар поединец во составот на Прилеп беше левиот бек Никола Цветаноски.

Прилеп следниот контролен дуел ќе го одигра во среда против вториот тим на Еурофарм Пелистер.

Кон крајот на месец август, односно во периодот од 24 до 28 август, тимот на Прилеп го очекува настапот на осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.

Избраниците на Мојсов се во група со Скопје, Струга и минатогодишниот победик и редовен спаринг партнер на Прилеп – Дубочица.