Прилепчанецот има нов клуб: Владимир Трајкоски се сели во Косово

Прилепчанецот Владимир Трајкоски во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера.

Средниот бек, кој во минатата сезона го носеше дресот на Скопје, во новата сезона ќе настапува за косовскиот суперлигаш Трепча.

Трајкоски во Македонија настапуваше и за матичниот Прилеп и скопски Голден Арт и беше дел од шампионската генерација на Прилеп, која во 2018 година го освои трофејот во кадетскиот шампионат.

Трепча во минатата сезона го освои Купот на Косово и заврши на второто место во тамошното прволигашко натпреварување и обезбеди учество на европска сцена.

Косовскиот вицепрвак ќе биде дел од Европскиот Куп и за ривал во рамки од второто коло ја има Вогошча од Сараево.