Приказната за Вардар Неготино – од ентузијасти до суперлигаши!

Убава ракометна приказна во Неготино беше крунисана со пласман во Суперлигата за следната сезона. Тимот на Вардар Неготино со освојувањето на четвртото место во прволигашката конкуренција доби шанса да игра во елитната конкуренција. Неготинци ќе имаат шанса по 21 година да гледаат суперлигашки натпревари, бидејќи Повардарие за последен пат играше во оваа конкуренција во 2002 година.

Вардар Неготино беше формиран од ракометните работници Тоде Кузманов и Драган Сукара во 2011, не е наследник на некогашниот тим од Неготино, Повардарие, но ја продолжи ракометната приказна во Неготино.

По пласманот во елитата, се славеше низ улиците на градот на интересен начин, а голем број граѓани ги поздравија ракометарите и стручниот штаб на плоштадот. По ова беше јасно, дека неготинци се желни за квалитетен ракомет и спорт воопшто. Eуфоријата беше голема, а уште отсега е јасно дека за суперлигашките натпревари од септември ќе се бара билет повеќе.

Во 2011 година тимот со поддршка на Кроација Осигурување започна да работи само со пионери, а дел од тие играчи – Драган Кузманов, Ѓорѓи Ташев, Ѓорѓи Орешков и Мирослав Митевски и ден денес ги бранат боите на клубот. Ташев е поранешен кадетски репрезентативец на Македонија и беше дел од ЕХФ шампионатот во Скопје минатото лето.

Во клубот имаше и женска секција, ЖРК Вардар Неготино. Овој клуб беше дел од младинските натпреварувања, но згасна со почетокот на корона кризата. Неготинци се организатори и на меморијален турнир „Илија Ѓорѓиев Манџата“ секоја година во декември.

Во 2013 година, Вардар Неготино влегува во системот на натпреварувања на РФМ, а формира и кадетски тим, се до 2016 година, кога клубот започна да игра и во Првата лига. На тренерската клупа досега седеа Драган Сукара, Никола Филипов Фујка, Зоран Виларов, Ратко Вељанов, Аце Станковски, како и Петар Ангелов, кој си замина од клубот пред решавачките битки за место во Суперлигата оваа сезона. Тимот продолжи да го води Ратко Вељанов, со кој беше обезбедено посакуваното место.

„Ангелов дојде во клубот минатото лето по завршувањето на договорот со Аце Станковски. Покрај играчката улога, му дадовме шанса да работи за првпат и како тренер, но не одговори на предизвикот. Сепак ние како управа сме му благодарни за се што направи за Вардар Неготино“, вели Тоде Кузманов.

На местото на Ангелов доаѓа Владимир Глигоров, тренер со Мастер Коуч лиценца и поранешен македонски селектор, кој ќе го води тимот низ натпреварите во Суперлигата, а во стручниот штаб остануваат и Ратко Вељанов, како и кондицискиот тренер Горан Стојановски.

Стојановски, кој е поранешен фудбалер на многу македонски клубови – Тиквеш, Вардар, Беласица…се грижи за физичката подготвеност на ракометарите. Тој поседува А лиценца на УЕФА и фитнес лиценца.

„Во Вардар Неготино дојдов во времето на Аце Станковски. Искуството што го имам од фудбалот многу ми помогна во тие кондициски тренинзи за подобрување на перформансите на ракометарите. Малку им беше тешко на почетокот да се прилагодат на тренинзите, затоа што дотогаш немаа работено по тој терк. Во модерниот ракомет физичката подготвеност е многу важна. Ритамот на работа што јас го наметнав беше тежок, но потоа напредокот беше очигледен и во финишот на сезоната бевме одлично подготвени“, вели Стојановски.

Претседател на клубот е некогашниот младински репрезентативец Ристо Трајковски од генерацијата што стигна до четвртото место на ЕП во Полска. Трајковски, кој е поранешен играч на Повардарие, Пролет и неколку клубови од Косово, вели дека е тешко клуб од помал град да стигне до место во Суперлигата.

„Секогаш е тешко да се стигне до елитата посебно за оние екипи кој што потекнуваат од мали градови и не се од Скопје. Скоро 20 години чекавме на овој момент и мислам дека ако не беше проширувањето на лигата оваа година, тешко дека ќе успеевме да го оствариме ова“, вели Трајковски.

Иако резултатите не беа перфектни, сепак победи беа остварени кога најмногу требаше.

„Во спортот секогаш е така, само една екипа може да биде перфектна, а останатите да ја пратат во чекор. Целта првично во плеј-офот ни беше да ги добиеме сите домашни натпревари и колку што е можно да освоиме некој бод на страна. Одлучувачки мислам дека беа двата дуели со Аеродром во Скопје и во Неготино каде што успеавме да освоиме четири бода што и на крајот се покажа како пресудно“.

Сепак не е се розово, кога се работи за условите за работа во Неготино, па пред натпреварите во Суперлигата се очекува помош и од локалната власт.

„Секогаш е тешко во помалите средини да се обезбедат услови за работа. Главен проблем со кој се соочуваме моментално, а и во последните година-две е нефункционалноста на спортско рекреативниот центар Младост, некако многу споро одат некои работи и секогаш муабетот е ист, ќе биде, ќе биде. Ние како клуб секогаш наоѓаме алтернативно решение околу тој проблем и се надевам дека почетокот на Супер лигата ќе го дочекаме во салата во која своевремено се играа суперлигашки натпревари“

Првичните амбиции за следната сезона се да биде обезбеден опстанок во елитната конкуренција.

„Амбициите како и на секоја екипа која која доаѓа од помала средина се секогаш во првата година да се обезбеди опстанок и после тоа да се фати некаков континуитет во Суперлигата и да се бориме за што повисок пласман, моментално е многу тежок период за сите, период на глобална криза и тешко може да се обезбедат финансии одеднаш да екипата може да влезе во плеј-оф и да конкурира со екипите кој имаат огромен буџет. Поголемиот дел од екипата останува, најавени се некои заминувања, а во исто време се преговара со играчи кој би ги замениле нив“, заврши Трајковски.

Клубот засега ги продолжи договорите со локалните ракометари – средниот бек Драган Кузманов, десното крило кое покрива и на десен бек Ѓорѓи Ташев, левиот бек Ѓорѓи Орешков, голманот Александар Мицев и пивотот Петре Пеовски. Основата на клубот остаува, па тренерот Владимир Глигоров ќе има полесна задача да ги вкомпонира новаците пред пред предизвикот наречен Суперлига.

Вардар Неготино ќе биде дел од групата А, заедно со Вардар, Бутел Скопје, Охрид, Струга, Прилеп, Алкалоид и Куманово, а во првото коло ќе се соочи со шампионот Вардар во Неготино.