ПРЕСИНГ: Против Словенија во натпревар „да се биде или не“ на големиот православен празник

Како, со која зона и на кој начин да се сопрат Скубе, Зарабец и Макуц на позициите среден и лев бек, нивната луцидност, прегледност на играта, пробивност и присебност? Имајќи предвид дека се работи за репрезентација која извонредно напаѓа зона 5-1, Лазаров ќе се обиде со висока, компактна и агресивна 6-0 зона да ја „собере“ средината, да остави постор за крилата (особено левото) и да очекува добар ден на голманите од тие позиции.

„Ако  игра  мечката  пред  вратата  од  комшијата,  ќе  заигра  и пред  твојата“ – вели една народна поговорка.

На ден пред самото тргнување за Дебрецин, каде што нашиот национален тим ќе ги игра натпреварите од „А“ групата на ЕП, тестирањето на површина извади четворица репрезентативци и еден член на стручен штаб позитивни на Ковид 19 вирусот. Ситуација со која добар дел останатите учесници на ова ЕП се соочија од самиот старт на подготовките и која на дел од нив ги остави без тренинг или поточно кажано без тренинг каков што треба да биде, на подолг период. На пример, Црногорците подолго време не тренираат со првиот тренер, без дузина важни играчи, селекторот на Србија, Тони Џерона, преку „токи-воки“ врска ги води тренинзните (ако можат да се наречат тренинзи со половина репрезентација на тренинг) и од стартот на годината нема доволен кворум за „нормален“ тренажен процес, и т н…

Денешната колумна на ПРЕСИНГ за специјализираниот ракометен портал 24 Ракомет не требаше да стартува на овој начин, но колку и да сакаме да го маргинализираме и да не му даваме важност и внимание, сепак, Ковид вирусот, како никогаш до сега на големите смотри во нашиот спорт, ги држи конците во свои раце и во добра мера ќе одлучува за расплетот. Секако, тука е и ЕХФ како „добар домаќин“, кој секогаш и во секакви услови, и „у корист наше штете“ е подготвен да го протурка настанот и да ги собере плодовите. А потоа, нека му ја мислат клубовите…но затоа е нашот спорт тука каде што е на европско ниво. НО тоа е друга тема…

СЛОВЕНИЈА се вика нашиот прв противник на ЕП во Унгарија и Словачка. Натпревар кој важи „да се биде или не“ ако сакаме да бидеме малку ексцентрични, но и доколку не сакаме да одиме во другата фаза по малку потежок пат.

Љубомир Врањеш, познавајќи ја „војната“ помеѓу два важни играчи во својот тим, Сташ Скубе и Деан Бомбач, се реши предност да му даде на овој првиот и по подолг период во репрезентацијата ќе го нема Бомбач, играч кој беше фундамент на нападот на Словенците изминатите неколку години. Колку тоа може да се одрази негативно или позитивно на играта на нашиот прв противник на ЕП, ќе видиме, но едно е јасно и двајцата имаат свои квалитети и се во најтесен круг на најдобри светски играчи на својата позиција. А, позицијата среден бек е клучот за не(успехот) на нашата национална селкција против Словенија. Како, со која зона и на кој начин да се сопрат Скубе, Зарабец и Макуц на позициите среден и лев бек, нивната луцидност, прегледност на играта, пробивност и присебност? Имајќи предвид дека се работи за репрезентација која извонредно напаѓа зона 5-1, Лазаров ќе се обиде со висока, компактна и агресивна 6-0 зона да ја „собере“ средината, да остави постор за крилата (особено левото) и да очекува добар ден на голманите од тие позиции. Реално, во ситуација кога Словенија ќе игра со Доленец, Зарабец и Скубе ќе мора да се дозволи шут од надвор од 9 метри, во спортивно тешко ќе излегуваме на крај во дуел игра со брзите средни бекови и нивната техничка подготвеност во фаза на проигрување на пивотите. Нашата зона би можела да претрпи измени во случај на левата бековска позиција да игра Мацковчек или можеби Хенигман имајќи предвид нивната висина и можноста за шут од дистанца. Во тој случај Врањеш би бил во ситуација да нема измени во фаза напад-одбрана и би бил во предност од аспект на транзиција и лесно постигнати голови.

Нашиот напад, имајќи предвид противникот, би требало да биде мирен и трпелив, со многу изненадувања на бековски позиции (од аспект на тие што играа на подготвителните натпревари), создавајќи нервоза кај противникот кој ќе сака во најкус можен рок да ја освои топката и преку транзиција да постигнува голови. Во тој сегмент Македонија има свои адути, играчите добро се познаваат меѓу себе, имаме искусни ракометари кои може и треба да ја водат играта и што е најважно во фаза на нападот имаме пивоти кои знаат да бидат незгодни, според својата антропологија и начин на делување, за високите Мацковчек, Баготиншек и Хенингман. Во оваа фаза од играта, а имајќи предвид 6-0 зоната на противникот, многу важен е прионесот на нашите крилни играчи кои треба да ја „развлечат“ зоната и да остават простор за „оперирање“ на Стоилов и Пешевски. Нашиот стручен штаб ќе треба да најде идеална формула да го задржи Талески во игра, за да може со „само“ две замени во фаза напад одбрана, без разлика дали Македонија игра класичен напад или се служи со алатката 7-6. Пивотите и крилата и нивната (не)употребливост во одредена мера во фаза на одбрана е проблем на избор на играчи на селекторот или можеби на фактичка состојба во МКД ракометот. Но, во дуелот со словенците може да биде клучен фактор.

Македонија со мирна и прецизна игра, со повремени „испади“ на брз центар или директна контра може да дојде до котата од 25 постигнати голови на првиот натпревар, дали зоната на чело со голманите ќе успее да ги „спушти“ словенците под таа граница, останува да видиме. Нашиот национален тим има свои адути и треба да ги искористи.

Покрај нашата група, во фокусот на љубителите на ракометот во нашата земја е и групата „Ц“, каде што после сите случувања со Ковид 19 заразени ракометари и тренери, „војната“ за втората позиција ќе ја водат соседите Србија и Хрватска. Србија, селекција во подем предводена од шпанецот Тони Џерона, тренер кој има комплетна довераба и поддршка од сите партиципиенти во националниот тим, човек кој ги „помири“ сите завојувани страни внатре во тимот, донесе мир и дисциплина во играта, донесе шпанска прецизност во анализите и реализацијата на договореното и што е најаважно, создаде тим без „ѕвезди“ кој има победнички менталитет и може да игра со секој. Тоа го покажаа и во квалификациите кога излегоа како победници во двобојот од квалификациската група против олимпискиот шампион Франција. За жал, во моментов Србија е една од најпогодените селекции од Ковид вирусот и како тоа ќе се одрази останува да видиме. Хрватска, селекција со највисок рејтинг на Балканот, по минатогодишното фијаско на СП во Египет и квалификациите за ОИ во Токио, со промена на селекторското место на кое дојде „прибраниот“, технички поткован Хрвоје Хорват, направи сериозен рез и ја подмлади селекцијата како дел од циклусот на олимписки игри во Париз 2024. Ги нема Карачиќ, Шего, Брозовиќ, Марино Мариќ, Штрлек… базирајќи се на искусниот Чупиќ, поливалентниот Дувњак и вансерискиот Циндриќ. Но, до овој момент Дувњак и Циндриќ се Ковид позитивни и тоа од корен ја менува ситуацијата. Хорват нема голема подршка од јавноста, која е скептична околу настапот на „коцкастите“ на ЕП, ситуација која во многу потсетува на ситуацијата кога после катастрофалниот настап на Хрватска на ЕП 2002 во Шведска, веќе на следното големо натпреварување во Португалија, предводени од Лино Червар од клупата и Балиќ и Лацковиќ на терен го освои златниот медал. Дали Јагањац и Мартиновиќ можат да бидат предводиници на новиот бран и во која мера останува да видиме. Очекувам, доколку Хрватска ја помине групата, Хорват да го врати во составот Игор Карачиќ, играч со многу титули зад своето име, играч кој може да направи разлика и заедно со, до тогаш, опоравените Дувњак и Циндриќ да парира на секоја европска селекција.

Франција и без Н’гесан и Пранди кои се повредени, и со доста „заразени“ пред ЕП е благ фаворит во групата, има неверојатна физичка подготвеност, искуство од големи настани и мотивираност кај најголемиот играч последните 20 години, Никола Карабатиќ со освојување на златен медал да се запише во историјата во повеќе категории. Премин во следна фаза нема да биде проблем, но за влез во полуфиналето ќе трба да се почека развојот на настаните со ковид заразените ракометари.

На големите христијански празници Македонија секогаш имала на што да се радува, нека биде така и на Василица против стариот должник Словенија.

Среќно момци!!

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете