ПРЕСЕДАН НА ЕХФ: Реши да се преигра меч – ама само последните 10 минути! (ФОТО)

Првиот ден на Европското првенство за младинки во Словенија донесе интересни резултати, но и одлука која на некој начин е преседан бидејќи првпат е решено еден натпревар да биде преигруван односно да бидат повторно одиграни последните десет минути од средбата меѓу Австрија и Хрватска која заврши со резултат 23:24.

Од селекцијата на Австрија вложија приговор после средбата, кој беше прифатен. Причината за ваквата одлука на ЕХФ е во фактот што во моментите кога Хрватска беше во водство од 18:17 ракометарката Миа Бркиќ добива трето исклучување. Истото не е заведено во финалниот записник, но го има во статистиката во која се водат напад по напад.

Бркиќ не била исклучена од игра односно не и бил покажан црвен картон како што налагаат правилата при трето исклучување. Воедно постигнала и два гола после враќањето на терен со што има материјална повреда.

После истекот на двете минути таа се враќа во игра во 50. минута при водство од 19:18. Австрија бараше правда после натпреварот и од ЕХФ беше прифатено така што последните десет минути ќе треба да бидат преиграни односно средбата ќе има нов финиш, а повторувањето ќе почне при резултат 19:18 за Хрватките.

На оваа средба судии беа Ердоан и Арсин Витаку од Косово, додека делегати Сотирис Константину од Кипар и Драган Начевски од Македонија.