Пресврт кај Хрватите – Со Циндриќ и Мариќ на двобој против Франција?

Селекторот на репрезентацијата на Хрватска, Хрвоје Хорват, добива две големи засилувања за претстојните натпревари во рамките од Европското првенство откако стана јасно дека Лука Циндриќ и Марино Мариќ би можеле да бидат на располагање за првиот дуел на Хрватите против Франција.

Иако нивниот настап во групната фаза беше под знак прашалник бидејќи беа позитивни на коронавирус, сепак, споменатото дуо доби негативен тест во Хрватска. Поранешниот ракометар на Вардар заедно со неговиот колега по добиените резултати доцна вечерта тргнаа за Сегед.

За да настапат двајцата споменати ракометари против Франција, тие треба да бидат негативни на денешното тестирање во Унгарија, а резултатите треба да стигнат пред почетокот на натпреварот, кој е закажан со почеток од 20:30 часот.

Хрватската репрезентација трите воведни натпревари од првата фаза ќе ги одигра во Сегед. Вечерва ќе се соочат со Франција, додека на 15 јануари следува соседското дерби со Србија. Последниот натпревар за Хрватска од првата фаза е против селекцијата на Украина. Овој натпревар е закажан за 17 јануари.