Прв интернационален предизвик: Бобан Каковски се сели во Франција!

Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Бобан Каковски, кој во изминатата сезона настапуваше за Радовиш, односно Металург, ја започнува интернационалната кариера, откако потпиша за клуб од Франција.

Битолчанецот во новата сезона ќе го има првиот интернационален предизвик и ќе го носи дресот на амбициозната екипа Сант, која се натпреварува во третата француска лига и има амбиции да обезбеди пласман во второлигашкото друштво.

Иако на негова адреса имаше понуди од неколку македонски суперлигаши, сепак, младиот ракометар одлучи да настапува за екипата на Сант.

,,За мене ова е прв интернационален предизвик. Имав понуди од неколку македонски суперлигаши за новата сезона, но сепак, одлучив својата кариера да ја продолжам во француската лига. Сметам дека го направив вистинскиот избор, со можност да напредувам повеќе во мојата кариера. Сант има големи амбиции да обезбеди пласман во втората француска лига и се надевам дека ќе имам успешна сезона во Франција”, изјави Каковски за 24Ракомет.

Каковски во својата кариера настапуваше и за екипите на Голден Арт и тогашниот тим на Еурофарм Работник.