По 21 годинa и двомечот со Кометал ЃП, Ференцварош избори финале во ЛШ!

Тимот на Ференцварош е вториот финалист во Лигата на шампионите, откако унгарскиот тим славеше против данскиот Есбјерг со 30-29. По 21 година и двомечот со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, Ференцварош ќе игра финале во Лигата на шампионите. Херој на унгарскиот тим беше Емили Болк, која го постигна победничкиот гол во последната секунда.

Во првиот дел данскиот претставник диктираше темпо и во финишот имаше водство и од четири голови разлика, а избраничките на Габор Елек, кои практично играат на домашен терен немаа решение за Мерк и Инстад.

На пауза беше 17-13 за Есбјерг, а само што почна вториот дел Мерк погоди за плус пет, 18-13. Но како одминуваше времето така Лекиќ, Цвијиќ и колешките почнаа да се враќаат, па на петнаесетина минути до крајот беше реми, 21-21.

Голема борба имаше на теренот, а на пет минути до крајот, Ференцварош стигна и до водство преку Клујбер, 27-26. Навивачите на унгарскиот клуб ја запалија атмосферата во преполната „МВМ Арена“, а Есбјерг попушташе полека под притисокот.

Болк погоди од тешка ситуација за 28-26, но возбудувањата не се намалија. Есбјерг не се предаваше и на минута до крај израмни на 29-29. Остануваа уште триесетина секунди за Ференцварош за победнички гол.

Немаше многу идеја во нападот на унгарскиот тим, но во последната секунда патот до мрежата на Есбјерг го најде Емили Болк, која биеше од тешка позиција за победа 30-29 и голема радост на многубројната публика.

Седум гола за Ференцварош имаше Малестајн, шест пати погоди Болк, додека по пет гола дадоа Лекиќ и Клујбер. Во составот на Есбјерг се истакнаа Мерк и Рајстад со по седум погодоци.