По четири години Ивица Обрван откри зошто не седна на клупата на Металург

Додека беше селектор на Македонија требаше да седне на клупата на Металург. Но, не се случи... Лани есен повторно беше во игра за тренерското место во Автокоманда.... Го поврзуваа и со Еурофарм Пелистер... Селектор што најдолго се задржа на клупата... Ја водеше Македонија на два ЕП, едно СП и квалифкации за ЛОИ... За изборот за Данило Брестовац за селектор на Македонија... Треба побрзо да заврши неизвесноста со Вардар и да се знае што понатаму... Некои играчи се уште не се докажани на вистински начин, а веќе се ѕвезди и даваат интервјуа како зад себе да имаат половина од тоа што освоил Кире Лазаров или Пепи Манасков.

На клупата на македонската репрезентација поминаа многу странски селектори. Сениорите беа предводени од тренери како Лино Червар, Веселин Вујовиќ, Раул Гонзалес, Зоран Тута Живковиќ, Драган Ѓукиќ,…но селекторот што најдолго се задржа на македонската клупа е Ивица Обрван.

Тој ја водеше Македонија од 2013 до 2016 година на три големи натпреварувања – ЕП во Данска 2014 година, СП во Катар 2015 година и ЕП во Полска 2016 година, а во последните две години од селекторскиот ангажман го водеше паралелно и францускиот Шамбери.

Хрватскиот стратег по завршувањето на ангажманот во Шамбери пред две години, не работеше во ниту еден клуб, ниту репрезентација, а деновите кога целиот спорт е на пауза поради коронавирусот, Обрван ги минува во Метковиќ. Тимот од овој град пред 20 години изненадувачки го освои ЕХФ Купот, кога во финалниот двомеч беше подобар од Фленсбург.

Тогаш Обрван беше играч-тренер, а во тимот имаше само двајца интернационалци, Роландо Пушник и Зигмунд Ѓерѓи, што успехот го прави уште поголем. Некогашниот македонскиот селектор на стартот на интервјутo за 24Ракомет се потсети на големиот успех.

„Тоа беше навистина голем успех за клубот Метковиќ Јамбо против еден од најсилните германски тимови. Имавме само двајца интернационалци во тимот што успехот го прави уште поголем. Поради коронавирусот, немавме можност да прославиме годишнина, но тоа сигурно ќе го направиме во јули или август“, вели Обрван.

Мината година хрватскиот страгег беше блиску до враќање во Македонија, каде требаше да го преземе кормилото на тимот на Металург.

„ Лани имав многу коректен контакт со Металург, со претседателката на клубот Зорица Блажевска. Беше таква ситуацијата, имав некои недовршени работи во Франција, некои работи кои баш во тој период морав да ги решавам, а на нив им требаше веднаш тренер. На крај избраа одличен тренер, мојот пријател Зоран Кастратовиќ и едноставно не беше изводливо како комбинација, иако Металург како клуб ми е многу драг. Ќе откријам, дека додека бев селектор на Македонија бев многу блиску да имам двојна фукција, тренер на Металург и селектор на Македонија, беше се договорено, но тоа беа некои други времиња. Сплетот на околностите не дозволи сега да дојдам, проценив дека имам многу малку време за моите обврски во Франција. Моментот беше многу важен бидејќи клубот имаше и европски натпревари па немаше да биде коректно да го направам тоа и така не дојде до соработка со Металург“.

Неговите услуги им биле понудени и на раководните луѓе на битолски Еурофарм Пелистер, кога овој клуб бараше нов тренер, но разговор немало.

„Имаше контакти и со Еурофарм Пелистер, но тоа беше повеќе од страна, неколку менаџери ми се јавуваа како евентуална можност. Но никој од Еурофарм Пелистер не ме контактираше директно, ниту директорот, ниту претседателот на клубот така да не можам ова да го потврдам како некоја сериозна комбинација. Она што можам да го кажам после три години работа во Македонија, практично и живеев во Скопје, многу добро ја познавам инфраструктурата, начинот на живот, навиките и се она што се случува во македонскиот ракомет и не би ми било проблем во било кој од клубовите да се вклопам. Еурофарм Пелистер одбра едно друго решение, одеше во својот пат и како што знаете ништо конкретно не се случи“.

Оврван во Шамбери соработуваше со сегашниот селектор Данило Брестовац, кој му беше помошник две сезони.

„Со Данило сме големи пријатели, додека бев селектор на Македонија го повикав во мојот стручен тим да ми биде помошник и апсолутно беше погодок мојот избор. Тоа го покажува и фактот што на мој предлог ми беше помошник и во Франција што е навистина многу тешко и тренерот и помошникот да бидат странци. Во репрезентацијата на Македонија и Шамбери имавме одлична соработка и ова што се случи Данило да биде селектор на Македонија е еден сосема нормален развој на настаните и е сосема заслужено. Тој е тренер кој образуван со модерни погледи на ракометот и мислам дека РФМ апсолутно погоди со изборот без разлика што на последното ЕП резултатот не е можеби таков како што македонската јавност очекуваше. Но тука постои сплет на разни околности кои се провлекуваат со години во репрезентацијата на Македонија. Дали е потребно подмладување, дали е тоа некој микс, дали е ајде да помине уште ова првенство, уште овие квалификации па тогаш ќе правиме подмладување. Кога веќе се пласиревме на ЕП ајде повторно нека играат најдобрите, никако да се направи некој конкретен потег. Јас во мое време започнав со повикување на некои помлади играчи, за прв пат Талески и Кузмановски, Маркоски, Пецаковски, Стојчевски. Секогаш имаше прашања зошто некој не игра, но секој тренер или селектор кој води екипа нема да работи против себе. Ќе се обиде да ги стави играчите кои ќе играат најдобро за репрезентацијата, а воедно и од резултатите зависи и неговиот статус. Сите тие лутења и коментари дека имам нешто против некој паѓаат во вода кога ги ставам во игра најдобрите играчи или оние кои мислам дека ќе придонесат најмногу“.

Хрватскиот стратег вели дека дел од македонските ракометари се уште не се докажани дека може да играат на високо ниво.

„Репрезентацијата на Македонија има еден проблем што како база нема голем избор играчи како на пример Хрватска која на сите позиции има огромен број играчи. Секој играч од репрезентацијаа на Македонија кој е талентиран е важен, мора да го сочувате, но и тој треба да биде одговорен. Некои играчи се уште не се докажани на вистински начин, а веќе се ѕвезди и даваат интервјуа како зад себе да имаат половина од тоа што освоил Кире Лазаров или Пепи Манасков. Играчи кои имаат пред себе многу простор за напредок се Талески и Кузмановски кои во Германија не се профилираа во неколку клубови и се бараат себе сè уште. Двајцата како бекови би требало да бидат носистели на новата меѓу-генерација и носители на македонскиот ракомет кога ќе дојде конечно до заминување на играчите кои сега го носат главниот товар. Траба да има еден взаемен микс помеѓу медиумите и играчите кои мора да бидат цврсто на земјата и да знаат дека секој ден е ново докажување. Доколку некој ви вели дека сте најдобри и најубави тоа не мора да значи дека е така, туку секој ден треба да се докажувате за да бидат она што сакаат да бидат. Гледам дека Талески бара нов клуб, а за селекторот кога некои од главните играчи не играат стандардно е голем проблем и за десет дена тренинзи тешко е да се надомести. Но на жалост на крајот никој нема да го гледа тоа со какви проблеми сте се соочиле туку каков резултат сте оствариле на првенството или квалификациите“.

Долго време Обрван не се појавува во јавноста, ниту во хрватските, а уште помалку во македонските медиуми. Тој открива дека се чувствува подготвен да ја води и селекцијата на „коцкестите“ по заминувањето на Лино Червар.

„Можеби сте го виделе тоа дека јас кога бев во Македонија не трчав по медиумите, едноставно не сум карактер кој се става во прв план и покрај тоа што со сите медиуми имав супер однос. Сметам дека секој има различен карактер, 20 години сум тренер и 20 години не сум имал ничија помош, да ме турка некој или да сум нечиј миленик и направив се сам. Направив многу и некој кој не знае може да го погледне моето резиме од 2000 до 2020 година. Веќе 10-15 години секој јануари се споменува моето име како еден од потнцијалнита кандидати за место на селекторската позиција на Хрватска. Со право е така, ако се гледаат резултатите моето име секако мора да биде тука. После долгото владеење на Лино Червар кој беше еднаш, па сега повторно на крајот на кариерата дојде, а помеѓу беа Голужа и Бабиќ кои немаа тогаш толку големо искуство зад себе направија коректни успеси со една врвна репрезентација. Ако ме прашате дали сум подготвен да ја водам Хрватска и дали се сметам за способен за тоа ќе кажам – апслолутно да. Дали ова ќе биде тешко исто така одговорот е – апсолутно да. Во Хрватска многу се гледа и друго не само квалитетот и што имате постигнато. Јас имам свој пат, свои размислувања и не можам во 54. година од животот да се менувам и да бидам нешто друго од она што бев цел живот“.

Обрван своевремено беше споменуван и како тренер на Вардар, уште многу време пред да дојде во клубот Сергеј Самсоненко. Хрватот вели дека Вардар и ракометната јавност во Македонија заслужуваат повторно да имаат силен клуб.

„Додека бев во Македонија од 2013 до 2016 година го запознав Скопје многу добро, не сакав да бидам дописник-селектор туку сакав да живеам во државата која ја водам, ценам и почитувам. Запознаен сум со сите случувања и како започна проектот Вардар, изградбата на салата, на хотелот. Сетот тоа е убаво, капа до под за ракометарите и двете шампионски титули во Лигата на шампионите, но сите сме по малку уморни од тоа, а еве и јас. Дали заминува Самсоненко или не заминува, дали ќе има плата или ќе нема плата? Ја спушти ли рампата минатата година па после победата над ПИК Сегед повторно ја подигна, па на фајнал-форот благодарение на фантастичните играчи и чудото повторно стана шампион на Европа. Повторно започна приказната ќе имаме тим повторно, нема ништо да се случи и кога помина тоа повторно старите проблеми. Мислам дека целата спортска јавност во Македонија заслужи конечно да се подвлече линија и како луѓе одговорни за Вардар и македонскиот спорт, да кажат од следната година ќе биде така и така, па да се знае и да се заврши со сите шпекулации за да можат сите и јавноста и клубот и играчите и сите останати да бидат мирни. После две години Вардар да може повторно да функционира нормално како клуб затоа што тоа и го заслужува“.

Тој е горд за тоа што го има постигнато на клупата на македонската репрезентација, настапите на две ЕП и едно СП, како и еден настап на квалификации за ОИ.

„Јас не сум тренер почетник, позади мене е три години многу успешно водење на репрезентцијата на Македонија што се гледа и по резултатите. После мене два еминентни тренери имаа резултати за кои да беа мои, сигурно Ивица Обрван би требало да одговори на многу прашања, ќе морав да одговорам како, зошто, поради што. Беа тоа три многу успешни циклуси со репрезентацијата на Македонија и пласмани на две европски и светско првенство. На сите тие натпреварувања имавме пласман во вториот круг, еднаш изборивме пласман на квалификациски турнир за Олимписките игри на кој зажал не успеавме, тоа беше седма цел која требаше да ја постигнам. Сметам дека направивме одлични резултати и бев задоволен од групата на ракоемтари кои ги тренирав. Она што ми остана во фантастично сеќавање е врвно одиграното СП во Катар, каде во групата изгледавме како екипа која има сè. Тие три години се за мене едно големо искуство. Се што имам направено позади мене од Словенија, Метковиќ, Загреб, Катар, Македонија и Шамбери четири години каде што не е лесно да се остане како Балканец толкав период сам и со Данило Брестовац“.

Хрватот секојдневно ја следи ситуацијата во ракометот во македонските клубови и воопшто во Македонија.

„Секогаш кога ќе ги отворам сајтовите на македонските медиуми, можам да прочитам многу информации за ракометот, ги има и оние кои заслужиле и некои кои не заслужиле, а се дел од ракометот. Од 2016 година кога заминав ова е можеби и прв разговор и некој да се сети да поразговара со мене, да ме праша за мислење. Уште еднаш ќе констатирам дека имавме одлични резултати, сигурно ќе има такви кои нема да се согласат се додека не седнат на клупата и да видат дека не е баш така лесно како што мислат. Бројките говорат се, секоја чест на успехот на ЕП во Србија кое беше играно практично на домашен терен. Бев присутен во Белград и уживав во тоа навивање. Бројките говорат дека со три години на клупата на Македонија сум и најдолговечен селектор. Малку ми е криво, сепаку сум реномирано тренерско име, а да не бидам споменат никаде и никој да не ме побара за мислење и изјава. Можеби после ова нешто ќе се промени, секогаш сум достапен исто како и кога бев селектор. Се надевам дека во иднина можеби повторно ќе соработуваме“.