Почна нова ера – Вардар го официјализира новото име, новиот менаџер и новиот директор

Европскиот шампион Вардар од вчера и официјално го носи новото име – Вардар 1961. На 29 мај беше основан новиот клуб, а пријавата од страна на Централниот регистар е прифатена вчера, на 3 јуни.

Нов сопственик на Вардар стана компанијата за изградба и одржување на топлотехнички постројки Ватростална, а нејзиниот прв човек, Михајло Михајловски ќе биде и генерален менаџер на клубот.

Паричниот влог и основната главнина е 25.000 евра, пишува порталот „Фактор“. Претседател на Одборот на директори е Бојан Јанев, а неизвршен член е Благоја Лазаревски – двајцата дел од УО на Државна Лотарија на Македонија.

Дел од луѓето кои работеа во клубот во времето на Сергеј Самсоненко и понатаму ќе продолжат да работат, а дел ќе бидат нови. Досегашниот прв човек Самсоненко останува со обврската да ги исплати сите долгови кон ракометарите до крајот на 2020 година, а новата управа на клубот веќе го составува новиот играчки ростер.