„Потписот за Еурофарм Пелистер беше вистински потег, не очекував толку брз повик за сениорите“

Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш ја доби довербата од новиот хрватски селектор, Хрвоје Хорват и дадената шанса максимално ја искористи на неговите први натпревари за неговата репрезентација во рамките од ЕХФ Евро Купот.

Десниот бек од Битола во интервју за „Јутарњи“ изјави дека не го очекувал повикот од Хорват за настап во репрезентацијата на Хрватска. Деби настапот во дресот на неговата репрезентација го опиша како посебно чувство.

„Тоа е посебно чувство и остварување на сите желби. Искрено, не очекував повик од селекторот Хорват бидејќи уште се сметам за еден млад играч, пред мене има еден долг пат”, изјави Мараш.

Пред да потпише за Еурофарм Пелистер, Мараш на своја адреса добил понуди од голем број на познати клубови како Целје, Загреб, Адемар Леон и Тулуз. Смета дека неговата соработка со Еурофарм Пелистер е вистински чекор во неговата кариера.

„Јас се осмелувам да кажам, потписот за Еурофарм Пелистер беше вистински потег. Поранешниот селектор, Жељко Бабиќ е одличен тренер, сосема е пријатно да се работи со него, но и тој беше одлучувачки во изборот на мојот клуб, иако имав понуди од Целје, Загреб, Адемар Леон, Тулуз… Клубот во Битола е добро организиран и убеден сум дека добро ќе напредувам. После академијата во која тренирав и настапував и каде што имав поддршка од луѓе како Балиќ, Метличиќ, Анушиќ, ова е еден убав чекор во мојата кариера”, заврши Мараш.

Новото име во репрезентацијата на Хрватска добро напредува со настапите во Еурофарм Пелистер. Поради одличните настапи, Еурофарм Пелистер и Матео Мараш ја продолжија соработката за уште две сезони.