После повеќе од три години македонскиот ракомет повторно на МТВ

Утрешниот старт на сезоната во Супер машката лига означува не само враќање на официјалните натпревари на домашно тло туку и враќање на домашниот ракомет на Македонската телевизија.

Во секое коло ќе се играат по шест натпревари односно по три во двете групи. Од секое коло МТВ ќе врши пренос од еден дуел така што секој петок и понеделник ќе може да се следи по еден интересен натпревар на спортскиот канал на Македонската телевизија.

Според она што е одбрано за стартот на сезоната натпреварот со кој ќе биде отворена сезоната во Супер машката лига на МТВ ќе биде КЛ 7 – Охрид. Оваа средба се игра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а дуелот е од Групата А и почнува во 19 часот.

Веќе е познато кој ќе биде и вториот дуел кој ќе биде пренесуван од МТВ. Се работи за средбата Бутел Скопје – Младост Богданци. Овој натпревар е од 2. коло од Групата Б. Се игра в понеделник со почеток во 20 часот.

Покрај тоа вообичаено сите средби ќе одат на youtube, па ќе може таму да се гледаат другите пет дуели.