Португалецот нема да заигра за Вардар: Дуарте пред преселба во Гепинген!

Португалскиот лев бек Жилберто Дуарте, кој треба(ше) да биде големо засилување за тимот на Вардар, најверојатно ќе ја продолжи кариерата во бундеслигашот Гепинген, дознава 24Ракомет. Дуарте требаше да биде одлична замена за Оливие Њокас на левата бековска позиција, но се чини дека нема да го облече „црвено-црниот“ дрес.

Откако стана јасно дека македонскиот шампион Вардар нема да игра во Лигата на шампионите, дел од ракометарите што беа потврдени како нови засилувања за „црвено-црниот“ тим, сигурно ќе побараат нови средини.

Скапите странци сигурно би биле голем товар за буџетот на Вардар во ваква ситуација, па клубот многу веројатно ќе им даде одврзани раце да заминат во други клубови. Дополнително треба да биде јасно што ќе се случува со Нејц Цехте, Божо Анѓелиќ и Павел Андреев, како и со играчите што ги бранеа боите минатата сезона.

Вардар најави прес-конференција за в понеделник, кога ќе бидат појасни работите и ќе се знае на каков играчки кадар ќе се смета за наредната сезона. „Црвено-црниот“ тим на меѓународна сцена би можел да заигра само во регионалната СЕХА лига, но и таму има многу прашалници, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите.