Поради еден позитивен ракометар, Вардар нема да игра во Задар!

Ракометарите на Вардар се враќаат за Скопје, а ППД Загреб најверојатно ќе се појави во Задар иако најспортски во ситуацијава е Мешков Брест да оди директно во финале

Екипата на Вардар вчера го обезбеди своето место на десеттиот Ф4 турнир во СЕХА лигата, но нема да може и да игра на истиот бидејќи ракометарите се на пат кон Скопје поради еден позитивен ракометар на Ковид 19.

Домаќините побарале оние кои не се вакцинирани да не играат на завршниот турнир, а на овој список се македонските ракометари. Иако Вардар на терен успеа да дојде до победа и пласман нема да може и да го одработи заслуженото в петок и в недела.

Очигледно е дека ова е сценариот кое најмногу им одговара на домаќините кои добиваат можност да играат на завршниот турнир. И покрај сите препораки кои се дадени и од ЕХФ, кога има еден позитивен играч тој да биде изолиран, а другите со уредни негативни ПЦР тестови да настапат, до тоа веројатно нема да дојде. Денеска после цел ден разговори и убедувања не беше најдено решение, па затоа Вардар доби забрана за настап во Задар и ракометарите се враќаат за Скопје.

Вардар загуби вчера во Загреб со 22:25, но од првиот дуел имаше 24:20 и ова беше доволно за да се обезбеди 10. Фајнл-фор турнир во СЕХА лигата. Како што стојат работите нема да може и да го одработи заслуженото, па останува да се види дали ќе биде направен преседан и донесена одлука која е надвор од спортскиот дел или, пак, ќе има некоја промена до петок.