Познати четвртфиналните двојки во СЕХА: Вардар против Војводина, Еурофарм Пелистер против Татран

Ракометарите на Партизан славеа со 36-35 против Татран Прешов, па Вардар остана на второто место во групната фаза од регионалната СЕХА лига. Тоа за ривал на македонскиот првак му го донесе српскиот првак Војводина во четвртфинален двомеч, додека Еурофарм Пелистер кој во другата група заврши втор ќе игра против словачкиот тим Татран Прешов.

Партизан беше тимот што имаше контрола на стартот и во неколку наврати имаше водство од плус два, но гостите иако имаа скратен ростер успеаја да направат пресврт и по дваесетина минути веќе водеа so 15-11.

Домашниот тренер Кржељ побара тајм-аут да ги смири неговите избраници. Тоа вроди со плод, па Мичиќ, на два пати Петриќ и Којадиновиќ погодуваа и Партизан стигна до реми, 15-15.

Во финишот на полувремето Татран Прешов стигна до плус два по одбраните на Чуприна, 17-15, а Лопез реализираше во последните секунди за 18-16 и на пауза беше плус два за словачкиот тим.

Kaко одминуваше времето така словачкиот тим паѓаше во ритамот, па Партизан ги искористи шансите и на десет минути до крај поведе со 31-30. Имаа Србите и плус три, но попуштија во последните моменти и Татран се избори само за минимален пораз.

Четвртфиналните средби ќе се играат во првата половина на април по принципот дома-гости.

СЕХА лига, дивизија „Југ“, четвртфинале:

Партизан – Веспрем
Нексе – Загреб
Војводина – Вардар
Татран Прешов – Еурофарм Пелистер