„Подготвени сме за битка со Вардар, го анализиравме до најситен детал“

Еден од главните ракометари во екипата на Мотор Запорожје, Дмитри Горига, очекува тежок натпревар против Вардар во рамките од СЕХА лигата.

Левиот бек на украинскиот тим има респект кон македонскиот шампион без разлика на лошите резултати во последно време на „црвено- црните“.

„Секогаш е потешко да се игра на гости, не знам зошто. Можеби затоа што противникот го има домашниот терен. Ние сепак  секогаш се подготвуваме за битка, за победа, го анализираме својот противник до најситен детал. Вардар е тим со многу титули и ќе биде тешко да се игра со него, а нема да биде иста ситуацијата кога играше кај нас на гостински терен. Мислам дека не очекува интересен натпревар. Што се однесува до процесот на подготовка, полека влегуваме во режим, иако немавме многу време по репрезентативните обврски. Генерално, нашиот тим е расположен и подготвен да се избори за позитивен резултат”, изјави Горига.

Мотор Запорожје и Вардар ќе ги одмерат силите денеска, а натпреварот започнува во 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.