Победнички старт на Ристовска и ЦСКА Москва во новата сезона

Ракометарките на ЦСКА Москва каде што настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска имаа успешен почеток на новата сезона, а во првото коло на домашен терен ја совладаа екипата на Астраханочка со 28:23.

Сара Ристовска имаше добар натпревар на отворањето на сезоната и постигна четири погодоци од шест обиди со што беше трет стрелец во својот тим. Најефикасна беше Полина Горшкова со шест гола, а пет постигна Ведекина.

ЦСКА Москва имаше целосна контрола на овој натпревар, после 15 минути игра имаше три гола предност, 7:4. Иако Астраханочка успеа да стигне до израмнување, сепак, на полувремето остана три разлика за ЦСКА 14:11. Во вториот дел со сигурна игра ЦСКА Москва ги освои првите бодови во сезоната.

На ЦСКА и Ристовска им следуваат три натпревари на гостински терен, против Ростов Дон, Лада и Мец. Следниот натпревар на домашен терен ќе го играат на 15 септември против екипата на Кубан.