„Победникот во ЛЕ добива место во ЛШ, на ЕП 2022 ќе има публика“

Претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер, откри дека во Виена се размислува за дополнителна „награда“ за победникот во второто по ранг клупско натпреварување, Лигата на Европа.

Видерер во интервју за „Манхајм Морген“, најави дека освојувачот на титулата во ЛЕ во иднина би можел да добие место во Лигата на шампионите.

„Кога беше формирана Лигата на Европа, беше дискутирано и по тоа прашање. Се договоривме дека по второто издание ќе направиме анализа и во третата сезона ќе донесеме одлука како ќе се однесуваме по ова прашање во иднина“, вели Видерер.

Првиот човек на европската куќа на ракометот најави дека според сегашниот план треба да има публика на следниот голем настан во Унгарија и Словачка.

„Ние сме убедени дека ќе има гледачи на ЕП. Секако, нема смисла да зборуваме за деталите уште сега. Знаеме дека нештата може да се променат и нема да можеме сериозно да разговараме со властите до есен што може, а што не може. Но планираме дека ќе има гледачи. Го имаме Ф4 во ЛШ на крајот на мај, а таму ќе има исполнето половина од капацитетот на салата со луѓе кои веќе прележале корона или се вакцинирани. Овој настан ќе биде важно искуство за нас пред организацијата на ЕП“, вели Видерер.

Македонија ќе игра во Дебрецен, заедно со селекциите на Данска, Словенија и Црна Гора, а ЕП започнува на 13 јануари.