Пикот на коронавирусот за еден месец, нема ракомет во Македонија до крајот на април?!

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во медиа центарот на Владата, најави дека очекува во земјава да има околу 2.000 заболени од коронавирусот и за месец дена да биде пикот на болеста.

Сепак не препорачува граѓаните тоа да го сфатат здраво за готово бидејќи се базира на претпоставки.

„Секоја вироза има пик по што се намалува бројот на заболени. Тешко е да се предвиди кога ќе биде пикот во земјава и ова што го кажувам треба да се земе со резерва зашто се базира на некои претпоставки, проценки и матеметики. Можно е бројот на заболени пациенти во нашата земја да достигне до 2.000, а пикот да биде за околу еден месец од сега“, изјави Филипче.

Доколку се остварат овие претпоставки, тоа значи дека во нашата држава ракомет нема да има најмалку до почетокот на мај. Ракометната федерација на Македонија во меѓувреме треба да реши на кој начин би се добил новиот шампион во Суперлигата и во Женската лига. Натпреварите првично се суспендирани до 27 март, но со оглед на најавите, тој рок ќе треба да биде продолжен.

Прашање е што би се случило доколку продолжи наредбата за неиграње и во април, па истата се пролонгира можеби и за втората половина на месецот. Тогаш веќе ќе се дојде во ситуација да нема доволно време односно да нема простор за играње на сите десет кола од вториот дел од сезоната. Дали во ваква ситуација ќе се пристапи кон играње турнирски или можеби ќе се дојде до модел во кој би дошло до поделба на тимовите во две групи, па после тоа првопласираните би разигрувале за титулата.

Во таков случај Вардар и Еурофарм Пелистер би биле носители на групите. Според пласманот во регуларниот дел Металург и Охрид би биле во вториот шешир, а Пролет 62 и Бутел Скопје во третиот. Ова е, сепак, засега далеку и од размислување и сите се во исчекување на тоа како ќе се развива ситуацијата.

Секако тука како опција постои и можност што би се случило доколку забраната остане можеби и до мај. Во таква ситуација надлежен е Управниот одбор кој ќе треба да го има последниот збор и да донесе одлука како би се добил шампионот. Со оглед на тоа што следната сезона Македонија има загарантирано место во Лигата на шампионите и три во Купот на ЕХФ едноставно мора да се има распоред на најдобрите екипи во шампионатот.

Засега сето ова се само опции, а која од нив ќе дојде до реализација односно ќе биде реализирана на дело ќе се знае откако ќе се знае и ситуацијата со коронавирусот.