Пешевски без грешка во победата против Нордхорн, Миркуловски загуби кај лидерот

На натпреварите од Бундес лигата двајца македонски претставници имаа настап со своите екипи. Филип Миркуловски со Вецлар имаше тешко госување кај Рајн Некар, додека Жарко Пешевски со Штутгарт на домашен терен го пречека Нордхорн.

Ракометарите на Штутгарт продолжуваат со одличните игри во домашниот шампионат. Во 10. коло ја остварија шестата победа против Нордхорн со 36:24 и се задржуваат при врвот на табелата зад Рајн Некар и Кил.

Штутгарт уште по првиот дел имаше висока предност од 20:11 која беше добра залиха за продолжението. И во второто полувреме тимот на репрезентативниот пикер на Македонија беше многу подобар противник и заслужено ги освои бодовите. Жарко Пешевски имаше стопроцентен учинок, од три шута постигна три гола.

Рајн Некар после победата во Лигата на Европа над Еурофарм Пелистер се врати на обврските во домашното првенство после само два дена и оствари нов убедлив триумф, овој пат против Вецлар со 37:24.

Филип Миркуловски и соиграчите беа немоќни на ова гостување, уште по првиот дел имаа висока негатива од 18:11, а до крајот на натпреварот доживеаја висок пораз. Филип Миркуловски настапи за својот тим, но не успеа да се запише во листата на стрелци.