Петрески најави: Целта на ГРК Тиквеш е опстанок, а најлесно се обезбедува со место во плеј-оф

Екипата на ГРК Тиквеш го одигра вториот натпревар сезонава во Супер машката лига, а ова беше дуел од 6. коло против Металург кој мораше да биде одигран порано од предвиденото поради тоа што Металург го очекуваат натпревари во Лигата на Европа.

Очекувано „металурзите“ се изборија за победа од 36:24, а после средбата тренерот на ГРК Тиквеш, Томче Петрески го искажа своето видување за настапот на тимот во Супер лигата.

„Морам да напоменам дека пред паузата поради коронавирусот ги водев само две недели и немав вистинска претстава за квалитетот на екипата, но со три засилувања од страна ситуацијата е поинаква. Баравме и доста играчи од Македонија, но не успеавме да ги донесеме. Со тие три засилување целта ни е опстанок во лигата, а опстанок најсигурно се обезбедува со пласман во плеј-оф. Ништо не е загубено уште иако во првото коло загубивме во Богданци каде резултатот на крајот можеше да биде и поинаков“, вели тренерот на ГРК Тиквеш, Томче Петрески.

Тој вели дека работи на психолошки план со момците и дека во моментов неговата цел е да ги опушти ракометарите.

„Мојата работа е константно психолошки да ги опуштам момците. Да заборавиме на поразите, но да учиме на грешките и да одиме напред. Мислам дека ќе се комплетираме за следниот дуел и ќе бидеме подобри со Бутел Скопје. Ќе го дадеме максимумот и ќе видиме понатаму. Имаме доста играчи кои немаат играно во Супер лигата и за нив ова е ново. Имаат желба, сакаат, но во даден момент ни недостига квалитет на суперлигашки ракометари“.

Секако проблем се и финансиите и бројот на ракометарите кои влијаат и на резултатите. Воедно вели дека во моментов и нема многу млади ракометари со кои би можело да се работи. Бројката е намалена во однос на порано.

„Малку работите се испуштени. Условите и финансиската ситуација имаат големо влијание во клубовите. Не гледам доволно деца во моментов, а кога би имале со работа сигурно ќе се промовира некое од нив во суперлгиашки играч. Меѓутоа, треба време“.

Петрески смета и дека играчкиот кадар ќе има големо влијание. Малиот број на ракометари во екипите со помали буџети може да има влијание во ситуација кога натпреварите се играат петок-понеделник.

„Скратениот играчки кадар ќе биде проблем. Кај екипите со поголеми буџети и поголем ростер тоа нема да се почувствува. Една екипа која игра во европски рамки има навикнато да има по два натпревари неделно бидејќи има играно средасабота. За нас кои немаме голем ростер и сме потенки финансиски ќе биде навистина тешко“.

Екипата од Кавадарци веќе е јасно дека добива и засилување од Асобал лигата во Страхиња Симиќ. Средниот бек со потекло од Србија треба да донесе квалитет плус.

„Страхиња Симиќ е квалитетен ракометар кој не е корпулентен. Дефинитивно е играч кој знае да игра. Ни треба таков ракометар во составот. Доаѓа од Србија, а четири сезони играше во Шпанија, Се надевам дека ќе успееме да го регистрираме за следниот натпревар, а потоа и да вклопиме во нашата игра“, коментираше Петрески за 24 Ракомет.

Следниот натпревар тимот на ГРК Тиквеш го игра против Бутел Скопје, а овој натпревар треба да се одигра в петок.