Петковски броеше до 17, Металург РА реди победи во плеј-аутот

Ракометарите на Металург РА во рамки од 6. коло од плеј-аут фазата во Првата машка лига ја остварија 5-та победа совладувајќи го составот на Шампион, со резултат 31:22.

Екипата на Шампион даде силен отпор во првите 20 минути, одлично парираше против второпласирана екипа, која до првата половина од првиот дел никако не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол. Металург РА во првото полувреме беше предводен од десното крило, Александар Петковски, кој со своите 12 погодоци ја одржуваше константната предност за својот тим.

До првата половина се играше гол за гол, додека во завршниот дел од првото полувреме, Металург РА постепено ја зголемуваше резултатската предност. Шампион немаше доволно сили за надигрување, попушти во последните десет минути, со што му овозможи на својот противник да замине на полувреме со убедлива предност од 18:13.

Во второто полувреме, кое повеќе беше формалност, екипата предводена од Слободан Чивлачки се обидуваше да дојде до помала резултатска негатива, но не успеа во својот поход. Металург РА се одлепи на 24:15 и веќе во последниот дел рутински ја заврши денешната задача.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од редовите на Металург РА, Александар Петковски со 17 гола. Кај Шампион најефикасен беше првиот стрелец во екипата, Александар Велјановски со осум погодоци.