Петковиќ: Знам голем дел од списокот на Русија, во наредниов период ќе го комплетирам

Селекторот на репрезентацијата на Русија, Велимир Петковиќ подоцна од очекуваното конечно пристигна во Москва. Главната причина за тоа е проблемот со авионските линии, па наместо од Берлин, тој во Русија пристигна преку аеродромот во Истанбул.

Петковиќ долго време работеше во Германија, а последен клуб кој го водеше беше Фуксе Берлин. По пристигнувањето во Русија тој имаше интервју за официјалната страна на Федерацијата на Русија. каде што говореше за проблемите на патувањето до Русија и плановите за наредниот период.

„Патот до Москва не помина без проблеми. Во Истанбул сакаа да ме вратат за Берлин, а потоа ме сместија во преполн авион. Причината за тоа беше што мојот негативен тест на коронавирус беше на германски јазик, а не на англиски. Во наредниот период со помош на федерацијата ќе барам соодветен стан и имам намера да продолжам да го учам рускиот јазик. Ќе бидам во контакт со тренерите на водечките руски екипи и ќе ги следам натпреварите и потенцијалните репрезентативци, првиот е веќе на 26 август во Суперкупот“, рече Петковиќ.

Селекторот истакна дека коронавирусот му ги уништил сите планови за работа со репрезетацијата и можноста да се испробаат помлади играчи од јуниорските слекции. Сепак костурот на екипата веќе го знае Петковиќ, само останува да се финализира конечниот список на играчи кои ќе бидат дел од репрезентацијата.

„Коронавирусот ги уништи сите наши планови. Многу очекував од јунскиот тренинг камп во Сочи на кој требаше да учествуваат ракометари од јуниорската екипа родени во 2000 година. Сега репрезентацијата ќе има пократка пауза пред натпреварите од квалификациите за Европското првенство 2022. 70% веќе го знам списокот за националниот тим само останува да го комплетирам во наредниот период“, изјави Петковиќ.

Русија ќе учествува Светското првенство во Египет кое треба да се одржи во јануари 2021 година откако доби вајлд-карта од ИХФ.