Перуничиќ одбра тим за старт на подготовките за ЕП, шанса ќе добие и „фармацевтот“ Ѓукиќ

Селекторот на Србија, Ненад Перуничиќ го објави списокот за Европското првенство на кој се најдоа 19 ракометари кои ќе ги започнат подготовките, а после Нова Година ќе се приклучат и играчите од Бундес лигата.

Собирот е закажан за 22 декември, а на 28 и 29 декември Србија ќе одигра два контролни натпревари со Египет во Белград и Ниш. Последните подготовки Србите ќе ги имаат на Златната лига во Франција од 2 до 6 јануари, а потоа патуваат за Грац. Првиот меч на ЕП е против Белорусија на 9 јануари, а уште ќе играат со Црна Гора и Хрватска.

На списокот на Перуничиќ се најде еден ракометар од првенството на Македонија, а тоа е Милан Ѓукиќ од Еурофарм Работник. На голманската позиција Србија ќе биде ослабена за Дејан Милосављев кој имаше операција на коленото и ќе го пропушти ЕП. Исто така ќе недостасува и Петар Ненадиќ кој се повлече од репрезентациајта.

Состав на Србија: Владимир Цупара (Веспрем), Тодор Јандриќ (Металопластика), Тибор Иванишевиќ (Вецлар), Немања Илиќ (Тулуз), Вања Илиќ (Шарт), Милош Грозданиќ (Војводина), Богдан Радивојевиќ (ПИК Сегед), Милан Ѓукиќ (Еурофарм Работник), Страхиња Станковиќ (Војводина), Немања Обрадовиќ (Мешков Брест), Иван Мошиќ (Адемар Леон), Стеван Сретеновиќ (Војводина), Милан Милиќ (Металопластика), Никола Црноглавац (Бакау), Јовица Николиќ (Војводина), Стефан Вујиќ (Динамо Букурешт), Лазар Кукиќ (Ла Риоха), Алекса Колаковиќ (Сен Рафаел), Мијајло Марсениќ (Фуксе Берлин), Миљан Пушица (Минден), Немања Зеленовиќ (Гепинген).