Периќ со одлични бројки во СЕХА, Хендави, Чаневски и Кизиќ меѓу најдобрите голмани (ФОТО)

Пред одигрувањето на четвртфиналните натпревари во рамките од СЕХА лигата неколку ракометари од Еурофарм Пелистер и Вардар имаат одлични статистички бројки во регионалното натпреварување.

Интернационалецот од БиХ, Јосип Периќ моментално е најдобар стрелец во СЕХА лигата според процентот на реализација. Средниот бек од Битола има постигнато 36 гола од 40 упатени удари кон противниците (90% реализација).

Листата на стрелци ја предводи ракометарот на Татран Прешов, Оливер Рабек со 48 гола, но неговиот процент на реализација е 56%. Ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров има постигнато 38 голови од 54 упатени удари, 70% реализација.

Периќ е тимски играч и освен што постигнува голови добро соработува и со неговите колеги. Моментално е најдобар асистент со вкупно 20 асистенции на пет одиграни натпревари во СЕХА лигата. Покрај тоа Периќ ги погоди сите пенали што ги шутираше, 10/10.

Голманот на Еурофарм Пелистер, Карим Хендави и неговиот нов колега во тимот, Марко Кизиќ од Вардар се наоѓаат во ТОП 3 голмани со најмногу одбранети удари.

Хендави во СЕХА лигата одигра само еден натпревар. Против Металопластика тој забележа 15 интервенции од 31 упатени топки кон неговиот гол, односно 48% одбранети удари, доволно за првата позиција на табелата како голман со најголем процент на одбрани. Марко Кизиќ на пет одиграни натпревари успеа да забележи вкупно 23 интервенции и да има висок процент на одбранети удари – 34,3%.

По просечен број на одбрани, голманот на Еурофарм Пелистер што премина во Бутел Скопје – Градимир Чаневски, се најде на второто место со 7,4 одбрани по натпревар во СЕХА.

Во четвртфиналните натпревари од СЕХА лигата, Вардар за противник го има Загреб, додека Еурофарм Пелистер ќе се соочи со Мешков Брест.